1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Италија тоне подлабоко во рецесија

И покрај реформите, италијанското стопанство никако да излезе од рецесија. Во Пратеничкиот дом премиерот Марио Монти ја доби довербата за воведување уште построги мерки на штедење.

Италијанската служба за статистика Истат соопшти дека италијанскиот брутонационален производ меѓу април и јуни се намалува веќе четврт квартал по ред, и тоа за цели 0,7 проценти. Во споредба со лани третата по големина економија во еврозоната бележи намален раст од 2,5 насто.

Една од причините за рецесијата е и намалената побарувачка за италијански стоки во земјата и во странство. Само во јуни индустриското производство во споредба со минатиот месец било помало за 1,4 проценти, во однос на јуни 2011. година дури за 8, 2 проценти помалку.

Италијанските потрошувачи во кризата ги штедат парите, трговијата на мало прогнозира дека оваа година потрошувачката по глава на жител ќе забележи пад каков немало по крајот на Втората светска војна.

Повеќе од една деценија Италија спаѓа во земјите со најбавен економски раст во Европа, меѓу другото поради енормно бројната бирократија и нефлексибилен пазар на труд. ММФ прогнозира оваа година стопанскиот развој во Италија да се намали за два проценти.

Во справувањето со должничката криза италијанскиот Пратенички дом со големо мнозинство одобри дополнителни заштеди во висина од 4, 5 милијарди евра. Премиерот Марио Монти на гласање ја стави довербата во својата влада за да може уште пред летната пауза да ги помине мерките за штедење. Од крајот на 2011. година владата донесе консолидирачки мерки од над 20 милијарди евра, пред се‘ преку зголемување на даноците. Италија стенка под планина долгови која одговара на 123 проценти од годишниот економски учинок на земјата, во еврозоната товарот е поголем само кај Грција.