1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Италија не знае што да прави со телото на починатиот нацист

Италијанските власти не можат да најдат решение за телото на починатиот нацистички злосторник Ерих Прибке кој почина минатата недела, живеејќи во домашен притвор.

Планираниот погреб во вторникот за поранешниот командант на СС - единиците на германската армија премина во насилства и улични тепачки меѓу неговите неонацистички симпатизери и локалните граѓани во едно римско предградие.

Свештеник од редовите на едно радикално католичко движење, кој го водел погребот на Прибке, тврди дека тој ја завршил церемонијата согласно католичките обичаи, но адвокатот на починатиот тврди оти тоа не се случило. Паоло Џакини, адвокатот во чиј дом Прибке живееше во домашен притвор, тврди дека погребот бил откажан поради насилствата. Тој тврди дека добил дозвола од семејството на починатиот да го организира погребот, но телото на Прибке било „киднапирано од италијанските власти“.

Папата Франциско, веднаш по смртта на Прибке, издаде забрана до сите католички цркви во Рим да одржат погребна миса за него.

Италијанската новинска агенција Анса јави дека телото на осудениот злосторник се наоѓа на воен аеродром во близина на Рим. Властите ја разгледуваа можноста во средата да го испратат телото на Прибке во неговата родна Германија, но за тоа им е потребна согласност од семејството. Прибке има двајца синови, но тие одбиваат да се изјаснат за неговиот погреб.

Protest bei Trauerfeier für Erich Priebke

Протести против мисата за Ерих Прибке

Стравувањата и во Италија и во Германија се дека гробот на Прибке би можел да се претвори во собиралиште на неонацистите, кои во голем број присуствуваа и на мисата во вторникот.

До крајот на својот живот, Ерих Прибке одбиваше да се извини за масакрот на 335 цивили во близина на Рим пред крајот на Втората светска војна, во 1944. година. Масакрот бил одмазда за претходен напад од партизаните врз нацистичките единици.

По завршувањето на војната тој успеал да избега од заробенички камп на британската армија и со пасош од Ватикан кој му го овозможил про-нацистички бискуп од Австрија, пребегал во Аргентина. Прибке во Аргентина минал неколку децении пред да биде екстрадиран во Италија каде му се судеше поради масакрот. Иако беше прогласен за виновен, согласно италијанските закони, поради длабоката старост, остатокот од животот го мина во домашен притвор.