1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Италија без претседател и по третиот обид

Третиот круг од претседателските избори во Италија е без резултат. Од четвртиот круг ќе важи правилото за освоено просто мнозинство гласови. Центристичко-левичарскиот сојуз во трка го испраќа екс-премиерот Романо Проди.

Бидејќи многумина пратеници во парламентот при денешниот (19.04) трет круг гласање за избор на претседател на државата повторно предале празни гласачки ливчиња или воопшто не гласале, никој од кандидатите не доби потребно двотретинско мнозинство. Од четвртиот круг гласање за избор на претседател ќе биде потребно само просто мнозинство. Тогаш ќе бидат доволни 504 гласови. Левиот центар доби 496 гласа, но се надева на натамошни од движењето „Пет звезди“ на поранешниот комичар Бепе Грило.

По вчерашниот неуспех на Франко Марини, центристичко-левичарскиот сојуз на Луиџи Барзани го потврди денеска поранешниот премиер,73-годишниот Романо Проди, за кандидат на претседателските избори. Поранешниот претседател на Европската комисија, Проди, има поддршка од голем број левичари, но против него е лидерот на десниот центар, Силвио Берлускони.

Уште за време на вториот круг на гласањето беше јасно дека ниту еден кандидат нема да го добие потребното двотретинско мнозинство од вкупно 1.007 пратеници и регионални претставници. Во првиот круг од гласањето кандидатот на левиот центар Франко Марини не го доби потребниот број гласови поради меѓупартиските поделби, иако претходно се шпекулираше дека освен Демократската партија, ќе биде поддржан и од десниот центар на Силвио Берлускони и коалицијата на центарот на премиерот Марио Монти.

На изборот на претседател му се придава големо значење, зашто Италија по парламентарните избори во февруари се наоѓа во пат-позиција. Ниеден од политичките табори нема доволно мозинство во двата дома на Парламенгтот за формирање влада. Актуелниот претседател на државата, Џорџо Наполитано, кому мандатот му истекува на 15 мај, во последните денови не може да го распушти парламентот за да распише нови избори. Ова право ќе го има само новоизбраниот шеф на државата.