1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Италијанските „мудреци“ започнаа со работа

Во Италија беа конституирани работните групи за политички реформи назначени од претседателот на државата Џорџо Наполитано.

Двете работни групи кои треба да се обидат да најдат излез за политичкиот ќорсокак во кој се наоѓа Италија треба да ја завршат својата работа во рок од 10 дена, соопшти денеска кабинетот на италијанскиот претседател Џорџо Наполитано (фотографија горе).

„Точниот период би требало да биде осум до десет дена“, се вели во писмената изјава на Наполитано објавена на претседателската интернет страница.

Членовите на двете групи кои Наполитано ги означи како „мудреци“ ќе се обидат да најдат заеднички точки меѓу политичките партии за економските и институционалните реформи, во надеж дека тоа ќе помогне во формирањето на идната Влада по пат-ситуацијата која настана по парламентарните избори во февруари годинава

На изборите немаше јасен победник, односно гласовите беа поделени на три блока: левиот центар предводен од Пјер Луиџи Берсани, десниот центар на Силвио Берлускони и новото протестно движење предводено од комичарот Бепе Грило. Сите обиди за формирање коалициска влада досега пропаднаа, по што Наполитано се одлучи на формирање работни експертски групи.

Партијата на Силвио Берлускони, меѓутоа, веќе го критикуваше ваквиот потег на тактика на одолговлекување и инсистираше дека треба да има нови избори доколку не биде изнајден излез од актуелниот ќорсокак.

Последните анкети покажуваат дека 76-годишниот Берлускони би победил на евентуални нови избори со неколку проценти повеќе гласови од Берсани.