„Италијанскиот Пабло Ескобар“ уапсен во Колумбија | Свет | DW | 06.07.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Италијанскиот Пабло Ескобар“ уапсен во Колумбија

Колумбиските власти соопштија дека оствариле голем успех во војната против дрогата со апсењето на италијански нарко-бос Роберто Панунци, поврзан со калабриската мафија Н'дрангета.

Во главниот град на Колумбија, Богота, е уапсен човекот кој се смета за најбаран нарко-шверцер во Европа, соопштија колумбиските власти. Во соопштението на министерството за внатрешни работи Роберто Панунци е опишан како „италијанскиот Пабло Ескобар“ и е наведено дека тој бил главен човек на ланецот за шверц на кокаин од Јужна Америка во Европа.

Според колумбиските власти, Роберто Панунци, кој се смета за еден од шефовите на калабриската мафија Н'дрангета, доставувал секој месец по околу два тона кокаин на европскиот континент.

Во соопштението се вели дека Панунци кој патувал со лажен пасош на Венецуела, бил приведен со помош на Агенцијата за борба со наркотици на САД.

Италијанските медиуми јавија дека Панунци бил во бегство од 2010 година, кога избегал од една клиника во Рим, каде што бил примен поради проблеми со срцето. „Мислам дека тој е најголемиот снабдувач со дроги од Колумбија“, изјави за италијанските медиуми Федерико Кафиеро де Рахо, обвинител од Реџо Калабрија, додавајќи дека и италијанските власти имале свој придонес во апсењето на Панунци.