1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Исчекување на пресудата за хрватските генерали

Хашкиот суд треба да ја изрече првостепената пресуда против тројцата хрватски генерали Анте Готовина, Иван Чермак и Младен Маркаќ. За злосторства сторени во акцијата „Олуја“ обвинтелството бара високи казни затвор.

Анте Готовина

Анте Готовина во Хаг

Во хрватската јавност преодвладува мислењето дека акцијата „Олуја“ била ослободителна акција. За тоа сведочат неодамнешните анкети според кои повеќе од 60 насто од граѓаните веруваат дека пресудите ќе бидат ослободителни. Но дека, станува збор повеќе за оптимизам, отколку за вистинско убедување, сведочи ставот на здружението на учесниците во татковинската војна, кои сметаат дека пресудите нема да бидат ослободителни, поради што за утре најавија протести на бранителите.

Анте Готовина

Анте Готовина

„Секој хрватски граѓанин ја знае историската вистина, а тоа е дека татковинската војна и беше наметната на Хрватска, а акцијата ’Олуја’ беше праведна, оправдана и во согласност со меѓународното право. Тоа беше одбранбена акција против окупаторските агресорски сили на Србија, Црна Гора, бившата Југословенска народна армија и дел од побунетото српско население“, вели Жељко Саќиќ еден од најгласните водачи на бранителите, поренешен началник на специјалните единици на полицијата за време на војната и предводник на неодамнешните протести на бранителите. Тој додава дека токму поради тоа бранителите не може да се согласат на изедначување на жртвите од агресијата и агресорот преку хашкото ревидирање на историјата. Овој бранител смета дека тоа е доминантен став во хрватската јавност, кој им дава легитимност на протестите на бранителите и најавува дека ќе биде сторено се’ за да се демантира и раскринка поданичката политика, која се води во Хрватска, а која, според него допуштила легитимната одбранбена акција, да биде прогласена за злосторнички чин.

„Како ние, 210 илјади учесници во ’Олуја’, да сме се здружиле за да извршиме етничко чистење! Наместо, како во секоја цивилизирана држава, да ги славиме бранителите, нас ќе не прогонуваат и еден по еден ќе ни судат за заповедна одговорност. Ако не прогласат за воени злосторници, што ќе речат луѓето во Европа? Што ќе помислат Германците за нас? Ќе излезе дека Хрватска е создадена врз злосторство“, смета Саќиќ.

Иван Чермак и Младен Маркаќ

Иван Чермак и Младен Маркаќ

Тој проценува дека акцијата „Олуја“ била спроведена за да се спречи втора Сребреница, и тоа со далеку поголеми размери и тоа во Бихаќки џеб каде имаше повеќе стотини бегалци и граѓани. Саќиќ е задоволен од начинот на кој хрватските медиуми го следеле судењето во Хаг.

Раководителката на Центарот за соочување со минатото Весна Тершелиќ меѓутоа има поинакво мислење. Што се однесува до влијанието на хрватските медиуми врз ставот на јавноста околу хашките судења Тершелиќ вели дека во прва линија државната телевизија не ја одработила својата задача добро. Дури и судењето на тројцата генерали не се следело редовно. „ Хрватската јавност е лошо информирана за текот на судењето. Граѓаните не можеа да ги следат сведочењата и ја немаат вистинската информација за тежината на сторените злодела за да формираат квалификувано мислење. Освен ова ни самиот трибунал на своите странции не објави превод на хрватски јазик , туку исклучиво на англиски јазик“ , смета Тершелиќ. Таа проценува дека особено генералот Готовина има поддршка кај бранителите, според регистарот околу 500 илјади и нивните семејства, што е огромна поддршка со оглед на тоа што Хрватска има нешто повеќе од четири милиони жители.

Автор: Синиша Богданиќ/ Александра Трајковска

Редактор: Трајче Тосев