1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Истрага против еден од најпознатите политичари на Партијата на левицата

Шефот на пратеничката група на Партијата на левицата во Бундестагот, Грегор Гизи, е соочен со обвинувања дека можеби дал лажни изјави во врска со неговите односи со тајната служба на поранешната ГДР - Штази.

Обвинителството во Хамбург го потврди извештајот на весникот „Велт ам Зонтаг“ дека против Грегор Гизи е отворена истрага. Според информации на весникот, надлежната комисија на Бундестагот веќе го укинала имунитетот на пратеникот.

Грегор Гизи, пак, се спротивставува на обвинувањата во врска со неговите наводни контакти со Штази, тајната служба на поранешната Германска Демократска Република. Тој вели дека „никогаш не дал лажна изјава“.

Весникот „Велт ам Зонтаг“ пишува дека основа за истрагата против Гизи е негова изјава со која на почетокот на 2011 година тој се спротивставил на емитувањето на емисија на телевизијата НДР. Тема на емисијата биле наводните контакти на Гизи со државната безбедност на ГДР. Политичарот и адвокат тогаш дал писмено уверување дека „во ниту еден момент не и‘ давал на службата за државна безбедност информации, намерно и сакајќи, за некој од своите клиенти или други лица“.

Ваквата изјава меѓутоа би можело да се покаже како неточна, пишува весникот, повикувајќи се веќе објавени документи на Штази. Од документ на тајната служба произлегува дека Гизи во 1989 година информирал опширно двајца офицери на Штази за интервју со двајца дописници на магазинот „Шпигел“. Гизи тогаш на прашање на „Велт ам Зонтаг“ го отфрлил обвинувањето дека знаејќи разговарал со соработници на Штази за интервјуто.

Гизи веќе две децении се соочува постојано со обвинувања дека наводно соработувал со Штази. Досега политичарот секогаш по судски пат се спротивставуваше на ваквите сомневања. Правникот по професија во ГДР своевремено застапувал познати дисиденти, како Рудолф Баро и Роберт Хафеман.