1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Истрагата на аферата „Снимка“: Форма без суштина!

Анкетната комисија на Собранието на Црна Гора ја заврши истрагата за аферата „Снимка“, поради која ДПС е обвинета за политичка корупција. Пратениците 70 часа сослушуваа 15 лидери на владејачката партија.

Аферата „Снимка“ ја потресе Црна Гора на почетокот на февруари. Во јавноста протекоа аудио снимки од седницата на Советот на Демократската партија на социјалистите на кои се слуша како функционерите на владејачката партија отворено зборуваат за партиски вработувања, менување на избирачкиот список и за директорите на државните претпријатија кои работат исклучиво во интерес на партијата.

Парламентарна, наместо кривична истрага

По притисокот на јавноста реагираше дотогаш инертното обвинителство, но само да соопшти дека во изјавите кои се слушаат на аудио снимките нема елементи за кривична одговорност. Нештата во свои раце ги зеде Собранието, кое формираше Анкетна комисија и нареди парламентарна истрага. Поранешниот министер за правда, денес ценет адвокат, Драган Шоќ, ја објаснува нејзината цел: “Парламентарната истрага е еден од облиците на политичка контрола врз работата на Владата. Таа може да постигне резултат, во смисла, да се утврди политичка одговорност за кршење на законот“.

Резултатот ќе се знае, кога Анкетна комисија ќе го објави извештајот на крајот на јули. Во него ќе има детали од сведочењето на 15 лидери на ДПС, а меѓу нив и премиерот Мило Ѓукановиќ. Сите до еден безрезервно повторуваа - ДПС не ги злоупотребувала државните ресурси, а аферата е плод на медиумски шпекулации. Ѓукановиќ отиде и еден чекор понапред: “Јасно ми е дека тоа е направено врз основа на одредени медиуми, кои се претставуваат како независни, а во суштина се огласна табла на воените, разузнавачките и безбедносните структури во Белград. Јасно ми е дека секоја опозиција ја прифаќа фрлената топка и се обидува тоа да го искористи за својата политичка борба. Не ми е јасно што Парламентот како сериозна државна институција се нафати да се занимава со ова прашање“, самоуверено изјавил црногорскиот премиер за време на сослушувањето.

Untersuchungsausschuss Korruption Parlament Montenegro

Резултатот ќе се знае, кога Анкетна комисија ќе го објави извештајот на крајот на јули

Техничкиот извештај удар во празно

Тоа не ја загрижува редакцијата на весникот „Дан“, кој прв ги објави записниците од спорните снимки. Помошникот главен уредник, на весникот од Подгорица, Никола Марковиќ е задоволен од формирањето на Анкетна комисија, иако е свесен дека нема да има конкретни последици за ДПС:„Сите знаеме дека во иднина ќе биде многу потешко да се злоупотребат државните ресурси и да има партиски вработувања. Аферата „Снимка“ нема тоа да го искорени, но сметам дека сега постои поголем степен на страв и одговорност кај функционерите на владејачката партија, за тоа што го прават“.

Untersuchungsausschuss Korruption Parlament Montenegro

Драган Шоќ: “Парламентарната истрага е еден од облиците на политичка контрола врз работата на Владата"

Истото го очекува и политичкиот аналитичар Златко Вујовиќ. Сепак, истакнува дека парламентарната истрага уште на самиот почеток била ограничена, бидејќи во Анкетна комисија има еднаков број на пратеници и од опозицијата и од власта. Поради тоа од извештајот очекува само технички податоци, без став: „Нема да добиеме информација - дека ДПС ги злоупотребувал ресурсите, функцијата, се она што опозицијата го очекува. Тоа ќе бидат технички податоци, како е водена истрагата, какви изјави се добиени...Еден таков извештај ништо не ни значи!“

Надеж единствено има претседателот на Анкетната комисија, опозицискиот пратеник, Коча Павловиќ. Иако свесен дека со политичките противници не може да постигне договор и мнозинство за извештај каков што сака, верува дека совеста ќе преовлада. „Извесно е дека јавноста од нас очекува резултати и доколку ги нема, кредибилитетот на целата црногорска политичка сцена, најпрво на демократскиот фронт, па потоа и на целата опозиција, а и на Собранието на Црна Гора, ќе биде девалвиран“.

Извештај наместо оставка?

Untersuchungsausschuss Korruption Parlament Montenegro

Надеж единствено има претседателот на Анкетната комисија, опозицискиот пратеник, Коча Павловиќ

Пратениците за конечниот извештај на Анкетна комисија ќе се изјаснат на пленарната седница последниот ден од јули. Истото тоа го направија и во случајот со аферата на Телеком, во која парламентарната истрага не даде резултати. Целата приказна заврши само со сув технички извештај, без преземање на политичка или било каква одговорност. „Во развиените демократии, ако се утврди дека Владата или некој нејзин член, го кршел законот, обично тоа се завршува со оставка или јавноста на наредните избори политички ја казнува власта која тоа го направила“, потсетува правникот Шоќ.

Јасно е дека ДПС не планира оставка или казнување на „зборлестите“ функционери. Затоа на Црна Гора и преостанува да ги чека резултатите од наредните избори. Можеби тогаш аферата „Снимка“ ќе даде резултати.