1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Истрагата за „Перо Наков“ продолжува

УЈП и финансиската полиција ја чешлаат документацијата за шест фирми за кои постојат сомневања за милионски проневери. Се истражуваат фирми кои не се сопственост на Рамковски, но се сместени во иста зграда со А1 ТВ.

default

Газди на фирмите биле еден турски, еден косовски, еден српски и еден македонски државјанин, изјавија од Управата за јавни приходи. Дали има барање за приведување на кој било од инволвираните лица во Министерството за внатрешни работи засега не кажуваат. Портпаролот на МВР Иво Котевски вели дека името на Рамковски не е во документацијата за фирмите кои се под истрага. Засега, според него, се чешлаат документите. Истрагата ќе покажела дали ќе се бара одговорност од кој било инволвиран.

Сопственикот на А1 Велија Рамковски синоќа јавно, преку својата телевизија, проговори дека веќе подолг период од редовите на владејачката добивал предупредувања оти за него имало дебело досие и ќе бил уапсен. За него е чудно што уште непроверено, УЈП изјавила дека има криминал од осум милиони евра.

Протести

Инаку, Телевизијата А1 и дневните весници Време, Шпиц и Коха е ре, чии простории се пломбирани и не излегуваат од печат, денеска попладне организираат јавни собири во Скопје и неколку други градови. Главниот и одговорен уредник на Време, Коле Чашуле, вели дека сакаат да побараат поддршка за заштита на слобода на говорот.

Случувањата на „Перо Наков“ предизвикаа низа реакции на разни здруженија и асоцијации и политички препукувања на релација власт - опозиција.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM