1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Источноевропејците најмногу отвораат нови фирми во Германија

Речиси секое трето ново претпријатие во Германија го отворил некој странец. Претприемачите доаѓаат главно од Источна Европа. Посебно се истакнуваат Полјаците, но и граѓаните од бивша Југославија.

Пространа хала за производство, преголема за неколкуте машини кои изгледаат изгубени во големиот простор. Две момчиња претпазливо ја прицврстуваат пластичната плоча со сино-зелени пруги во една сушарница. По неколку минути, плочата е сува. Сопственикот на фирмата, Артур Василевски, внимателно ја контролира. Пред три години, 44-годишниот Василевски отвори работилница за бојадисување во Бад Хонеф, во близина на Бон.

Артур Василевски доаѓа од Полска, намерно ја одбрал Германија. Сакал своите производи да ги продава со жигот „Мејд ин Џермани“, зашто таквите се побарани.

„Германскиот квалитет е познат во светот. Тешко дека некоја странска фирма ќе порача нешто од полски производители“, вели тој малку подналутен. Неговите нарачатели не знаат дека Василевски не е од Германија. Неговата фабрика е пријавена во Германија. Деловните разговори со муштериите ги води неговиот раководител, Германец.

Повеќе пари за истата работа

Околку 20 километри северозападно, во Бон, Роман Роман малтерисува една двокатница, која ја изгради неговата градежна фирма. И Роман доаѓа од Полска и не сака да му се објавува презимето. Пред седум години основал фирма во Германија. Прво работел сам, сега вработува осум работници.

„Овде за истата работа заработувам трипати повеќе отколку во Полска“, вели 50-годишниот човек.

Тој, како и Артур Василевски, спаѓа во групата од стотина илјади странци кои се осмелиле во Германија да станат самостојни претприемачи. Во меѓувреме, секое трето претпријатие во Германија го основа лице без германско државјанство. Така барем покажа истражувањето на министертството за стопанство. Во 2009-та година во земјата странците пријавиле 130 илјади новорегистрирани фирми. Пред четири години ги имало околу сто илјади, а истото истражување покажува дека поголемиот дел од овие стопанственици доаѓа од Источна Европа.

Предничат Полјаците

Карл Рајнерс работи во Индустриската и трговска комора во Бон. Тој веќе со години ги советува претприемачите. Резултатите на истражувањата ни најмалку не го изненадуваат, зашто речиси една третина кои му доаѓаат по совет се -странци!

„Пред се‘ Полјаци, но и тие од бивша Југославија, како и Руси“, објаснува Рајнерс.

До пред неколку години во основањето самостојни фирми предничеа Турците и Италијанците. Сега ги претекнаа Источноевропејците. Полјаците, кои се на чело, на некој начин беа принудени да основаат фирми.

„Тие до пред неколку години имаа вистински тешкотии во добивањето работна дозвола како обични работници. Затоа, за да можат да работат овде, почнаа да основаат фирми“.

Услужните дејности на врвот

Полска пред осум години пристапи кон ЕУ, но на Полјаците сепак им требаше работна дозвола ако сакаа да работат во Германија. Оној кој отвораше сопствен бизнис, можеше тоа да го направи и без дозвола. Таков режим на сила беше седум години за сите носи членки на ЕУ од Источна Европа. Но, дури и сега, кога тие граѓани можат да работат во Германија и без посебна дозвола, не се очекува попуштање на нивниот елан за самостојна работа. Нивниот број ќе остане стабилен, веруваат во Индустриската и трговска комора.

Испитувањето на Министерството за стопанство покажа промена не само на потеклото на мнозинството странски претприемачи во земјата, туку и на видот самостојна дејност за која се покажува најголем интерес. Опадна бројот на новоосновани претпријатија во традиционалните доселенички гранки -трговијата и угостителството. Денешните претприемачи со странски пасоши заработката ја бараат пред се‘ во услужните дејности. Така, една третина од полските претприемачи во Германија се занимаваат со градежништво.

NO FLASH Deutschland Wirtschaft Stagnation

Создавање работни места

И Роман работи во градежништвото. Во Германија има многу Полјаци кои тука работеле со години, токму како Роман, на црно, многу од нив на градилиштата.

„Тие сакаа овде да работат легално, па ја зграпчија првата прилика и започнаа сопствен бизнис“, вели Роман. Голем дел од нив во прво време биле единствени вработени во својата фирма. Некои успеале да ги прошират фирмите и сега вработуваат по неколку работници.

„Плаќаат и данок, исто како и јас“, нагласува Роман.

Артур Василевски, кој основаше фабрика за бојадисување во Бад Хонеф, моментно вработува четворица луѓе. Неговиот концепт е работа во две смени, во кои би работеле по десет работници. Со таквиот концепт сака наскоро да почне:

„Јас овде не само што отворам работни места, туку и дополнително ангажирам и германски фирми“, нагласува тој гордо. И додека семејството на Артур Василевски во меѓувреме се пресели во Германија, Роман и натаму мора секои две недели да патува 800 километри за во Полска да се види со жената и двете ќерки. И покрај тоа, не би се одрекол од својата вносна работа во Германија.