1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Источноевропејците во Берлин

Берлин е мултикултурен, тој е дом на странци од 184 различни земји. Меѓу нив има и илјадници луѓе од земјите од Источна Европа - Полска, Украина, Бугарија... Како живеат Источноевропејците во германската метропола?

Ана Марија Рикаровски е родена и се школувала во Берлин. Сега студира полски јазик.

„Јас сум берлинка. Тоа во секој случај би го кажала, но и дека имам полско потекло. Јас не сум Германка, иако овде сум многу среќна, но целото мое семејство потекнува од Полска“, вели таа.

Кога била мала родителите не раскажувале многу за нивната татковина:

„Првото искуство со тоа го имав, ми се чини, во седми-осми клас во училиштето. Еден соученик ми објасни како изгледа во Полска и тоа беше некаква слика од некое огромно село. Тогаш бев шокирана. Понекогаш слушам и.... Но, јас лично не ги сфаќам сериозно и само им се смеам.“

Во германскиот главен град живеат околу 200 илјади луѓе со полско потекло, како Ана Марија Рикаровски. Берлин е мултикултурен, тој е дом на странци од 184 различни земји.

junge Türkinnen in Deutschland Berlin Neukölln

Меѓу луѓето од 184 нации има и илјадници од Источна Европа

Графичарот Рин Шапаренко е од Украина. Веќе 11 години живее во квартот Пренцлауер берг во Берлин, заедно со уште околу 8300 сонародници:

„Тоа беше во 1998, прочуената ’втора‘ или ’трета‘ економска криза во Русија, кога веќе немаше никакви нарачки за уметнички дела. Така, морав да најдам место, каде ќе можам да продолжам да работам.“

Неговите слики раскажуваат за неговата внатрешна поделеност. Во Берлин уметникот се чувствува како дома, а сепак и некако како бездомник:

„Со студирање започнав во советското време, во меѓувреме земјата во која бев роден едноставно исчезна од картата на светот. Пренцлауер берг ме потсетува на многу градови и места во кои претходно живеев - Краков, Киев, Петерсбург...“

Студентот по социологија Борис Бојилов има бугарски корени. И тој живее во Берлин:

Berlin Unter den Linden

Берлин е наш град, велат многумина од странците кои живеат во градот

„Моите родители се од Бугарија, јас сум овде во Германија роден и израснат.“

Во Берлин живеат речиси 9 илјади Бугари, малцинство, но со сопствена заедница и сопствени продавници. Борис овде дознава за проблемите што ги имаат мигрантите од Источна Европа. Тие не му се ни нему непознати, а и неговите родители ги доживеаја:

„Мајка ми е учителка по клавир. Таа ја познава германската култура, сите германски композитори, можеби дури и повеќе отколку овдешен просечен граѓанин, но таа сепак имаше различен акцент и се забележуваше дека потекнува од источноевропскиот простор. Постојано да слушаш нешто како ’ти не зборуваш правилно германски, што бараш овде‘ или некако слично, тоа те дотепува“.

Рин Шапаренко од Украина, како графичар успеа да изгради мал круг од верни муштерии. Глупави приговори или предрасуди прима со насмевка:

„На почетокот се чудев на тоа, што мислат за Украина. Но, зошто поради тоа треба да се чувствувам навреден или на каков било начин нападнат? Вчудовиден - да, тоа ми се случува понекогаш. Мораш да успееш така да реагираш или да мислиш. Но, потоа ....“

Ни 22-годишната Ана Марија Рикаровски веќе не се возбудува поради глупави инсинуации за нејзиното полско потекло. Од пред осум години таа игра во еден полски аматерски театар. Таа научи да си го цени своето полско потекло:

„Ова е, ми се чини, вистински единствениот театар во Берлин, во кој се игра за млади и на полски јазик и има можност да се запознаат полски текстови“.

Ана Марија Рикаровски денес е горда што живее со две култури во мултикултурниот Берлин.