1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Источна Македонија поплавена

Голем број поплавени куќи, урнати мостови и оштетени брани, и една жртва во невремето со поројни дождови кое го зафати источниот дел на Македонија.

Еден удавен, поплавени куќи, урнати мостови, попуштени брани, отсечени села и уништени земјоделски посеви, се последиците од невремето со поројни врнежи од дожд што во изминатото деноноќие ја зафатија источна Македонија. Прекин на наставата има во неколку училишта во Струмичко, Радовишко и во Свети Николе. Педесет и едногодишниот Радован С. од кумановското село Цветишница е првата жртва од поплавите. Тој синоќа се удавил обидувајќи се да ја помине реката Длабочица. Телото на починатиот е пронајдено денеска на оддалеченост од околу два километра од местото на настанот, а поради непристапноста на теренот испратени се специјални единици од Министертвото за внатрешни работи за да го извадат.

Голем број поплавени куќи има во регионот на Куманово, Струмица, Штип и Свети Николе. Критична е ситуацијата со браната Пишица кај Пробиштип каде за да се намали опасноста од уривање отворени се два вентила за побрзо испуштање на водата. Од Дирекцијата за заштита и спасување испорачани се и 1.500 вреќи со песок за интервенирање на критичните места.

Синоптичарите најавуваат дека поројните дождови ќе продолжат и во текот на денов, особено во источна Македонија. Поради топлото време можно е забрзано топење на снежната покривка на планините, што доплнително може да ја влоши состојбата со поплавите. Намалување на интензитетот на врнежите, според метеоролозите, може да се очекува од утре.