1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Историски телефонски разговор меѓу Обама и Рохани

По повеќедецениското „ледено доба“ во односите меѓу САД и Иран, двете земји со брзи чекори се приближуваат една кон друга. Еден ден по средбата на министрите за надворешни работи, телефонски разговараа претседателите.

Американскиот претседател Барак Обама и новиот ирански претседател Хасан Рохани вчера воделе историски телефонски разговор, прв меѓу американски и ирански претседател по повеќе од 30 години. Обама синоќа пред репортерите во Белата куќа изјави дека двајцата со Рохани на своите екипи им наредиле да работат експедитивно на спогодбата за нуклеарната програма на Иран. Тој подвлече дека ова е уникатна можност да се постигне напредок со Техеран за проблемот што го изолира од Западот.

„Иако со сигурност знаеме дека ќе има големи пречки на патот по кој тргнавме и успехот на ниту еден начин не е гарантиран, верувам дека можеме да постигнеме сѐ опфатно решение“, подвлече Обама.

Рохани на Твитер напиша дека во разговорот на Обама му посакал „пријатен ден“, а Обама одговорил со „Благодарам! До гледање“ и додал дека двајцата лидери ја изразиле „својата взаемна политичка волја за брзо решавање на нуклеарниот проблем“.

Телефонскиот разговор, прв меѓу лидерите на двете земји од Исламската револуција во 1979 година, се одржал додека иранскиот претседател бил на пат кон аеродромот, по својата прва посета во Генералното собрание на ОН, се наведува на официјалниот претседателски сајт на Рохани.

„Фактот дека толку долго време мина откако американски и ирански лидер разменија зборови, ја одразува длабоката недоверба меѓу нашите земји“, рече Обама, но додаде дека ова, исто така, гледа шанса за придвижување напред.

„Навистина верувам дека има темел за решение“, рече тој.

Иранскиот претседател ја изразил желбата да зборува со својот американски колега пред вчера да ги напушти САД, изјави анонимен претставник на администарцијата на Обама.

Иран и шесте вето-сили во Советот за безбедност на ОН во четвртокот се договорија околу нови преговори за иранската атомска програма, кои треба да се одржат на 15. и 16. октомври во Женева. Вчера во Виена пак повторно започнаа разговорите меѓу Техеран и Меѓународната агенција за атомска програма.

Покрај САД, и Велика Британија стреми полека кон приближување кон Иран. „Подготвени сме да ги подобриме нашите односи, чекор по чекор и сѐ додека тоа се врши двострано“, изајви заменикот премиер Ник Клег пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.