1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Историски претседателски избори во Парагвај

По 61 година конзервативната Колорадо партија ја загуби власта во Парагвај. Поранешниот бискуп и следбеник на теологијата на ослободувањето Фернандо Луго е победник на вчера одржаните претседателски избори

default

Луго ја слави победата

До доцна во ноќта десетици илјади одушевени луѓе на улиците на главниот град Асункион го славеа историскиот настан: Фернандо Луго, бискупот на сиромашните победи на претседателските избори. Неговите следбеници не можеа да веруваат на својата среќа:

„Не можам да ви ја опишам радоста. Се надевам дека овој претседател ќе ја подобри ситуацијата во земјата. Ние сме на дното, половината семејства живеат во странство, зашто овде нема што да јадат, постои огромна сиромаштија, тоа мора да се промени.“


Сиромаштија и корупција


Парагвај важи за една од најкорумпираните и најсиромашни држави во Латинска Америка. Конзервативната партија Колорадо беше повеќе од половина век на власт и ја доведе земјата до работ. Сега поранешниот бискуп од Сан Педро со неговиот сојуз на опозициони партии, синдикати и социјални групи сака да направи чудо:


„Кога мислите на нашата земја, тоа не треба да биде само на корупцијата, сиромаштијата, туку и на гордоста и ефикасноста. Никогаш повеќе политичката класа во Парагвај не треба да ја води политиката врз основите на непотизмот, тоа ни донесе толку штети,“изјави Луго.

Бившиот бискуп, кој од неговите противници беше обвинуван дека припаѓа на таборот на левите популисти како Чавез, ги повика сите партии на соработка.


Власта го призна поразот


Стравот на неговите приврзеници од изборен фалсификат не беше основан. Бланка Овелар , кандидатката на владеачката партија го призна поразот:


„Како демократи изјавивме дека ќе го признаеме исходот од изборите. Му честитаме на народот за однесувањето, го признаваме триумфот на Фернандо Луго“, изјави Овелар.


Очекувањата од 56 годишниот Луго инаку се енормни. Една третина од населението живее во крајна сиромаштија. Луго вети реформа на земјоделството. Освен тоа, сака да склучи нови договори со соседите Бразил и Аргентина за користење на заедничките енергетски централи и со тоа да ги зголеми приходите за социјалните програми.