1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Историски избори во Аче

По три децении војна, луѓето во индонезиската провинција Ачех за прв пат избираа сопствен гувернер, повеќемина градоначалници и други локални функционери

Гласање под полициска заштита

Гласање под полициска заштита

Изборите се дел од мировниот договор меѓу централната влада во Џакарта и Движењето за слободен Аче од Хелсинки 2005-та година. Големата катастрофа и 200 илјади жртви, предизвикана од цунами-бранот на крајот од 2004-та година, ги доведе двете страни во судирот на преговарачка маса. Година ипол по склучувањето на мировниот договор во Аче се одржаа историските избори.

30 години движењето за независност од островот Суматра се бореше за своја сопствена муслиманска држава. За време на тој конфликт загинаа повеќе од 15 илјади луѓе. Со мировниот договор Движењето за слободен Аче се откажа од барањето за сопствена држава, а за возврат доби поголема автономија, меѓу другото и право на комунални избори со сопствени кандидати. Гувернерот на провинцијата порано беше именуван од Џакарта.

За функциите гувернер и вицегувернер на изборите конкурираа осум двојки кандидати. Меѓу кандидатите беше и поранешниот водач на преговарачката делегација на Движењето за слободен Аче Ирванди Јусуф, кој за време на цунамито успеа да побегне од еден поплавен затвор. Големи шанси му беа давани и на досегашниот гувернер Асвар Абубакар, кој беше подржуван од две муслимански партии.

Според анкетите, 87 насто од населението на провинцијата смета дека изборите ќе можат да придонесат да се обезбеди мирот. Многумина искажаа големи надежи: „Се надевам дека изборите ќе ни донесат благосостојба на сите“, рече еденод избирачите. Друг додава: „Се надевам дека кандидатите што ги избравме ќе ги исполнат нашите очекувања - воведување на исламското шеријатско право, подобро образование за нашата младина и многу други работи за подобра иднина на сите во Аче“.

За победа на кандидатите им се неопходни најмалку 25 насто освоени гласови. Анкетите навестуваат дека секако ќе има и втор круг на гласање, како што се предвидува, во март наредната година. Ирванди Јусуф вели дека ќе прифати секаков исход: „Не се стремам кон некој одреден резултат. Во секој случај, сакам да освојам повеќе гласови од другите кандидати“. Ако победи, Јусуф како прво сака да ја сузбива корупцијата и да расчисти со локалната бирократија.

Претставници на ЕУ ги контролираа условите и ги набљудуваа текот на првите демократски избори во Аче. Портпаролот на мониторинг-мисијата Јури Лаас рече: „ Во Аче владее сосем посебно расположение по конфликтот и цунамито. Се чувствува оптимизам, луѓето со доверба гледаат во иднината и притоа голема улога играат и изборите. Аче повторно ќе застане на нозе. Во провинцијата ќе владее зацврстен мир, демократски избрана локална влада, а и обновата по цунамито добро напредува“.