1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Истополовите двојки еднакво добри родители

Децата со родители од ист пол не страдаат од некакви недостатоци во споредба со другите млади - е резултатот од студијата на Универзитетот Бамберг, која ја претстави германската министерка за правда, Бригите Циприес.

default

„Виножито-семејство“

Политичарката од Социјалдемократската партија во Германија, врз основа на студијата претставена во Берлин, се залага за целосно право на посвојување деца за двојките од ист пол. При тоа, спроед неа, станува збор и за тоа да се обезбеди поголема правна заштита на партнерот, како и на посвоеното дете. Ваквиот став наидува на поддршка, но и на на гласно противење во германската јавност.

Виножито семејства

Движењето што ги обединува луѓето со истополова сексуална ориентација го користи симболот на виножитото за да укаже на разноликоста и рамноправноста во половите афинитети и ориентации во модерното општество. Затоа семејство во кое детето живее со два родитела од ист пол се нарекува „виножито-семејство“. Според податоците на актуелната студија на Универзитетот Бамберг, овие деца претежно ги одгледуваат лезбејски двојки. Само во 5,5 % од случаите, старателството над децата го делат двајца мажи.

Regenbogenfamilie

Според студијата, во Германија има околу 6.600 деца, кои растат во вакви “виножито-семејства“. Слободните проценки, пак, тврдат дека станува збор за повеќе од 12.000 деца. Околу 2.200 од нив живеат во „регистрирана животна заедница“, која законот ја овозможува од 2001 година. Од 2005 година за хомосексуалните животни заедници постои можноста за посвојување дете коешто едниот од партнерите го донел во врската. Со тоа партнерите од ист пол може да го посвојат детето на нивните нови „брачни другари“, но само ако станува збор за дете со кое нивните партнери имаат директно крвно сродство.

Речиси половина од децата во испитаните партнерски заедници потекнуваат од претходните хетеросексуални врски, а другата половина се зачнати со вештачко оплодување. При вештачкото оплодување, за разлика од традиционалните бракови, брачниот партнер не станува автоматски и правно рамноправен родител. Мајка на детето, според законот, е жената која го донела на свет.

Среќни деца

Репрезентативната студија зборува дека овие семејства влијаат позитивно врз развојот на личноста на детето, како и на неговиот напредок во образовниот процес и во подоцнежниот професионален живот, констатира Бригите Циприес: „Студијата покажува дека родителите од ’виножито-семејствата’ се подеднакво добри родители, како и останатите, хетеросексуалните родители, и тоа доаѓа од фактот што возрасните секогаш позитивно ги прифаќаат децата. Кога некое дете е соочено со лошо воспитание во хетеросексуална врска, бидејќи таму не наидува на прифаќање или е соочено со малтретирање или други форми на психичко злоставување, тогаш тоа е секако полошо отколку детето да растело во друга, некласична брачна заедница.“

Spanien erlaubt Homosexuelle zu heiraten

Секој чекор кон рамноправност предизвикува еуфорија: славје по одлуката и Шпанија да дозволи истополови бракови

Министерката мораше да признае дека сепак овие деца од време на време доживуваат дискриминација поради сексуалната ориентација на нивните родители, но тоа се најчесто исмевања или вербални навреди: „Но, се покажа дека кога децата доаѓаат дома и зборуваат со родителите за тоа во отворена атмосфера, дека тогаш нема опасности од било какви пречки во развојот на децата.“

Од тоа произлегува и полиберален однос на општеството кон фактот дека постојат хомосексуални парови кои воспитуваат деца. Така помалку ќе има причина за потсмев. Покрај родителите во студијата беа вклучени и стотина деца. Мнозинството од нив, според наодите од студијата, не се чувствувале дискриминирани поради сексуалната ориентација на нивните родители.

Подобро образувани од останатите деца

Во што се разликуваат „виножито-семејствата“ од традиционалните семејства? Тоа студијата сакаше да го открие преку 15-те илјади регистрирани двојки, на кои научниците им се обратија со повик за учество во анкетата. На повикот се одзваа околу една третина, а Институтот за истражување на семејството при Универзитетот Бамберг одбра 1059 парови, кои беа вклучени во студијата. Раководителот на институтот, Марина Руп, за тоа вели: „Семејствата од истополови родители имаат високо образовно ниво: 58 отсто од партнерите или партнерките имаат диплома за завршено средно образование, како и добри професионални квалификакации. Децата од овие семејства, согласно образовното ниво на нивните родители, често одат на училишта за понатамошно образование, почесто отколку што е тоа случај со децата од другите форми на семејства.“

Deutschland Terror Gesetz Justizministerin Brigitte Zypries

Бригите Циприес, министер за правда

Според гледиштето на министерката за правда Циприес, студијата потврдува дека сите форми на семејства би можеле да обезбедат одреден квалитет. За да се надмине дискриминацијата на хомосексуалните животни заедници, мора да се донесе закон што на хомосексуални парови ќе им овозоможи посвојување деца. Правните рамковни услови сега постојат, нагласи политичарката од СПД: „Европската конвенција за посвојување дозволува сега обајцата партнери да посвојат дете на рамноправни основи. Досега тоа не беше случај. Досегашните спогодби на европско ниво велеа дека ’хомосексуалните парови не смеат да посвојуваат деца’. Тие конвенции ги имаше потпишано и Германија. Сега по ова прашање има поинаков договор. Посвојувањето е сега можно и време е Германија да го потпише и ратификува овој договор.“

Предизборен маркетинг?

Досега 11 од 47 земји ја потпишале конвенцијата, вели министерката за правда, Бригите Циприес. Таа, меѓутоа, стапува на сила кога најмалку три земји ќе ја имплементираат во националното законодавство.

Министерката Циприес има поддршка за таквите намери од опозиционите партии во Бундестагот: Либералите, Партијата на Зелените и Партијата на новата левица. Циприес, како политичарка од Социјал-демократската партија, наидува на особено силен отпор од сегашните коалициски партнери, Христијанско-демократската и Христијанско-социјалната унија. Фолкер Каудер, претседателот на собраниската група на ЦДУ и ЦСУ во германскиот Бундестаг, за саботното изздание на „Зиддојче цајтунг“

Verhandlungen über Konjunkturpaket

Каудер:„Противно на интересите на децата“

изјави: „Станува збор само за самореализацијата на хомосексуалците, а не и за благосостојбата на децата. Целосното право на посвојување за истополовите партнери е противно на интересите на децата“, вели политичарот на ЦДУ. Заменикот претсдателот на собраниската група на ЦДУ/ЦСУ, Волфганг Босбах, пак, во весникот „Келнер Штаданцајгер“ тврди: „Децата најдобро растат во семејство со маж и жена“. Координаторот на собраниската група на ЦСУ, Хартмут Кошик, ја оквалификува законската иницијатива на министерката за правда како „евтин кампањски маневар“ во борбата за гласови спроти парламентарните избори на есен.

И католичката црква е против правото на хомосексуалните парови да посвојуваат деца. Со тоа ќе се поткопа вредноста на бракот и ќе се загрози благосостојбата на децата, смета католичката црква.

Автор: Сабине Рипергер / Ана Алибегова

Редактор: Горан Чутаноски