1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Исти проблеми, исто растојание!

При преземањето на должноста, американскиот претседател вети пресврт во внатрешната и надворешната политика. Во првата година од владеењето Барак Обама искуси дека пресвртот во политиката е потежок отколку што мислеше.

default

Гвантанамо се‘ уште не е затворен, здравствената реформа е „кастрирана“ во конгресот до степен на непрепознатливост, војната во Авганистан ја замени војната во Ирак, опоравувањето на економијата виси на свилени конци. Тоа така не си го претставуваа ни американскиот претседател, ниту неговите избирачи. Барак Обама го стартуваше претседателствувањето со многу елан и сакаше бргу да ги исполни неговите изборни ветувања. Дел од тоа функционираше. Жените имаат повеќе права кога поднесуваат тужби барајќи еднаквост во платите за иста работа. Истражувачите на матични клетки се радуваат зашто низ лабораториите вее свеж ветер.

Реформските планови паднаа во втор план

Но, она што го привлекуваше вниманието на почетокот на мандатот на Обама беше економската криза. Со конјуктурен пакет тежок милијарди, тој спречи претворање на рецесијата во депресија. Истовремено, реформските планови паднаа во втор план. Здравствената реформа требаше да биде првото големо внатрешно-политичко свртување во друг правец. Обама сакаше реформата да биде готова до летото 2009 година. Но, претседателот направи одлучувачка грешка - тој целосно му ги препушти преговорите на Конгресот и со тоа на етаблираните актери. Човекот што успеа со ангажман и харизма да стане прв афро-американски претседател, не беше веќе во фокусот.

Политички пазарења наместо свеж ветер

Републиканците ја видоа својата шанса и ја искористија. Во летен театар каков што досега не се памети го правеа она што најдобро го можат - ширење невистини и страв. Но, и во кампот на демократите многумина пратеници и

Christina Bergmann

Кристина Бергман, автор на коментарот

сенатори, наместо да мислат на целината, се обидоа да извлечат што е можно повеќе за себе и за својата „клиентела“. Нацијата, наместо на свежиот ветер што го вети Обама, беше сведок на вообичаените политички пазарења, гледаше два „завојувани“ политички кампа наместо посакуваната натпартиска работа. Претседателот веќе ги немаше уздите во свои раце.

Дека политичкиот противник не прави отстапки само затоа што му е понудена рака, Обама мораше да искуси на меѓународниот паркет. Реториката на САД се промени, но светот поради тоа не се заврте веднаш во друга насока. Блискоисточниот конфликт, атомскиот спор со Иран, војната во Авганистан и Пакистан - решенијата за нив се далеку.

Се‘ е исто како лани...

На почетокот на неговата втора година од мандатот американскиот претседател е исправен пред речиси исти предизвици како пред една година. По здравствената реформа, тој на внатрешнополитички план мора да се грижи за банкарството, законите за климата, образовната реформа и политката за доселениците. Економската состојба е се‘ уште чувствителна, а невработеноста голема. Претстојните избори за Конгресот дополнително ја отежнуваат ситуацијата. Сепак, Обама нема друг избор освен да продолжи по почнатиот пат, но со поголема решителност отколку што досега покажа. Тој не може да си дозволи уште еднаш да го испушти кормилото од раце.

Автор на коментарот: Кристина Бергман

Превод: Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска