1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Истекува рокот за смена на бугарските регистерски таблички

За една недела завршува дополнителниот рок до кој граѓаните со двојно, македонско и бугарско, државјанство треба да ги пререгистрираат своите возила што со години ги возат со бугарски регистерски таблички.

default

Шпедитерите во Скопје наведуваат дека не се забележува некој понагласен интерес за царинење на овие возила, иако казните што ги најави Владата и Царината се доста ригорозни.

Секој возач што по 30 септември ќе биде фатен да управува возило што е увезено од Бугарија пред повеќе од шест месеци ризикува да плати казна од 100 евра, но може и да остане без возилото, односно тоа може да му биде конфискувано.

„Царината за возила од ЕУ до Нова година е еден отсто, а потоа нула, акцизата за возила до 3.000 евра не се наплаќа, а над тоа е минимална, додека ДДВ е ист за сите и изнесува 18 отсто“, изјави деновиве директорот на Царинската управа Ванчо Каргов.

Скриени трошоци

Граѓаните се жалат дека се изложени на непотребно големи трошоци за царинење и пререгистрација.

Според шпедитерите, минималната цена за пререгистрација на овие возила изнесува околу 700 евра, од кои 400 евра одат за царинење, додека околу 300 евра се скриени трошоци, или манипулативни

Strasse in Kumanovo, Mazedonien

Илјадници возила на македонските патишта се со бугарски регистерски таблички

трошоци на повеќето постапки - вадење ТИФ, хомологација, шпедитерски трошоци, регистрација.

Максимумот, пак, зависи од квалитетот на возилото, неговата година на производство и кубикажата.

Повеќето шпедитери ни‘ наведоа дека граѓаните се интересираат за условите и цената на пререгистрацијата, но за разлика од турканиците што беа забележени во август, на завршувањето на првиот рок на владата, сега се‘ некако е помирно. Заинтересирани има, но тие доаѓаат само да прашааат за условите, додека оние што се решаваат да ги почнат процедурите за пререгистрација се многу малку, вели Златко Богески, управител на шпедитерската куќа „Кватро-шпед“ од Скопје.

Тој апелира граѓаните да не го чекаат последниот ден од рокот за пререгистрација:

„Ако во текот на оваа недела ја почнат постапката на царинење, верувам дека Царината и шпедитерските куќи ќе ја завршат својата обврска. Проблемот е при вадењето на ТИФ-документот што не се добива за еден ден, па затоа може да се случи возилата со мината царинска постапка заради овој документ да не можат да се пререгистрираат на време’, вели Богески.

„Ова ми изгледа на собирање пари од граѓаните“

Пред шпедицијата затекнавме младо момче кое со документите в раце се упати кон јавниот царински склад за царинење на неговата „Опел-тигра“. Вели дека возилото го купил во Бугарија пред четири години

Autos auf dem Parkplatz

Шпедитерите велат дека нема понагласен интерес за царинење на возилата, иако најавените казни се ригорозни

и дека досега немал никакви проблеми со полицијата, но дека пред неколку дена при преминување на границата му било посочено дека царината и полицијата по 30 септември ќе бидат немилосрни кон возилата со бугарски таблички, па од страв од реперкусии се решил да го пререгистрира. Се пожали на сумата што треба да ја плати:

„Возилото го имам купено 3.000 евра. Сега треба да платам 43.000 денари. Не ми се исплаќа да го пререгистрирам на македонски таблички затоа што со сите давачи сметката ми излегува некаде над 1.000 евра. Не знам што мислат во државата, но ова ми изгледа само на собирање пари од граѓаните.“

Друг возач, пак, вели дека неговото „Пунто“ го купил пред четири години за 700 евра, а сега за пререгистрацијата треба да плати околу 800 евра. Тој додаде дека иако одлуката на владата го удира по џебот, сепак, тоа е добра одлука, затоа што Македонија треба да им наплати на возилата што се движат по нејзините патишта.

Некои паушални прогнози посочуваат дека низ патиштата во Македонија, особено во нејзиниот источен дел, се движат меѓу 40 и 50 илјади возила со бугарски регистерски таблички. Поверојатни се прогнозите дека станува збор за 15.000 до 20.000 возила, што е еквивалентот на лицата со бугарски пасоши. Пред десетина дена, лицата со вакви возила протестираа пред Владата во Скопје, заканувајќи се дека ќе се жалат и кај бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Автор: Сашко Димевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска