1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иста политика во поинакво пакување

Реконструираната влада на Србија наводно поефикасно ќе работи во корист на граѓаните.Аналитичарите предупредуваат од преголеми очекувања бидејќи реконструкцијата вообичаено е можност за прераспределба на политичката моќ.

Со одлуката на Обединетите региони на Србија (УРС) да се согласат на условите на коалициските партнери околу реконструкцијата на српската влада отстранета е барем привремената можност на распишување вонредни избори. Млаѓан Динкиќ се согласи неговиот ресор на финансии и економија да биде поделен на два ресора- како што било од секогаш до доаѓањето на оваа влада. Денеска конечно би требало да биде потврдено дали УРС останува на власт.

Кој профитираше?

Ваквиот расплет на случувања претставува изненадување за Дејан Вук Станковиќ. Овој политички аналитичар за ДВ вели дека партијата на Млаѓан Динкиќ делувала цврсто против промените на коалицискиот договор. „Очигледно пресудил политичкиот инстинкт кој зборува дека во случај на заминување на УРС во опозиција многу брзо сите партии би излегле на гласање. А во овој момент изборите не им одговараат ни на УРС ни на Социјалистичката партија на Србија, ниту пак на која било друга партија освен на Спрската напредна партија. Поради тоа УРС помалку и ја проголта горката кнедла на политичка недоследност и остана во Владата на Србија“, вели Станковиќ. Поради тоа би можело да се каже дека ова е политичка победа на Александар Вучиќ, а пораз за Млаѓан Динкиќ. Меѓутоа Дејан Вук Станковиќ предупредува дека со најавената реконструкција на владата е само делумно исправена дисхармонијата меѓу популарноста и влијанието на Спрската напредна партија. „Сепак премиерот останува од друга партија, не се знае дали министерот за полиција ќе остане иста личност како и премиерот, а ако тоа не биде Дачиќ, тогаш тоа ќе биде некој близок нему и на социјалистите. И на крајот, и натаму министерството за финансии како силно место ќ во секоја комбинација во рацете на партија за која е прашање дали би го преминала изборниот цензус.“

Serbische Regierung Hauptsitz Belgrad Serbien

Политичкиот аналитичар Владимир Гоати од друга страна пак смета дека изборите не се во интерес на Напредната партија. СНС според негово мислење во најавената реконструкција дополнително ја зацврстила својата политичка моќ. „Таа има клучна позиција, и сега таа својата позиција дополнително ја зацврсти со земање и редистрибуција на влијанието и на моќ во владата. Така што Напредните во суштина ги држат сите конци в раце па ни изборите ништо подобро не би можеле да им донесат.“

Не очекувајте премногу

Дејан Вук Станковиќ оценува дека прашањето за вонредни избори и понатаму ќе остане на дневен ред, и дека е тоа можеби само пролонгирано на некој пократок период. „Тоа веќе нема врска за односите внатре во коалицијата, туку со некои процеси кои ги започна владата. Бидејќи, доколку се влезе во предизборна кампања тоа би значело дека нема активен капацитет за спроведување на Бриселскиот договор, а исто така не би можел да се одвива активен процес на преговори со ЕУ.“
И Владимир Гоати е согласен дека граѓаните од новите кадровски решенија во владата не би требало да очекуваат премногу, какви и да се тие кадровски решенија. „Мислам дека зад ридот не се тркала никаква концепциска промена. Ова е само борба за максимално влијание и за остварување на размерно влијание во владата во согласност со влијанието во избирачкото тело.“
Успехот на реконструираната влада најпрво ќе зависи од „буџетската толеранција“ која Александар Вучиќ ја има кон Ивица Дачиќ и Млаѓан Динкиќ, смета Станковиќ. „Поради тоа не би ме изненадило ни продолжение на конфликтот меѓу партиите, бидејќи и на примерот на реконструкцијата на владата се гледа дека тој процес не го сватиле сите на ист начин“, вели Станковиќ.