1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Истанбул планира да изгради најголем аеродром на светот

Турција има амбициозни планови: Веќе во 2017. година планира отворање на најголемиот аеродром во светот во Истанбул - иако градежните работи се’уште не се ниту започнати.

Тој е еден од најоспоруваните градежни објекти на Германија: Изградбата на новиот аеродором во Берлин трае повеќе од шест години, а аеродормот се’ уште не е готов. И тоа во земјата на техничарите и инженерите!

Во Истанбул напротив се’ треба да се одвива брзо, во секој случај побрзо отколку во Берлин. До 2017. година турската метропола треба да добие трет аеродром. Истанбул имено веќе има два аеродрома: Аеродромот „Ататурк“ на европската страна и аеродромот „Сабиха Гокчен“ во азискиот дел на метрополата. Но, во моментов и двата аеродрома се преоптоварени, оти авионскиот сообраќај на крстосницата меѓу Европа и Азија расте со брзо темпо. Според податоци на директоријатот на државните турски аеродроми бројот на летовите во Турција само во 2012. година во споредба со претходната година пораснал за 4,6 проценти. Речиси половина од авионите слетаа на двата истанбулски аеродрома.

Atatürk Flughafen Istanbul

Аеродромот Ататурк во Истанбул

Затоа сега треба да се изгради нов, на северот на градот - и тој треба да биде се’ друго освен скромен: планирани се шест писти за слетување и полетување на простор од 9.000 хектари. Мерено според предвидениот број на патници би требало да биде дури и најголем аеродом во светот, со годишно 150 милиони патници. Досега најголем аеродром на светот е американскиот „Хартсфилд Џексон“ аеродром во Атланта со 92 милиони патници во 2011. година. Во Европа предничи лондонскиот аеродром „Хитроу“, а по него следат „Шарл де Гол“ во Париз и аеродромот во Франкфурт на Мајна во Германија.

Различни мислења за трошоците

Турскиот министер за транспорт Бинали Јилдирим најави дека рокот за понудите на градежните претпријатија за изградба на аеродромот со шест писти ќе истече на 3. мај. Целта е проектот потоа да биде завршен во рок од 42 месеци, вели Јилдирим. Колку вкупно ќе чини овој гигантски проект, се’ уште не е јасно. Министерот за транспорт проценува дека ќе чини околу седум милијарди евра.
Турскиот новинар и експерт за воздухопловство Угур Чебечи гледа помалку оптимистички во контекст на трошоците. Тој очекува планираниот аеродром да чини повеќе од десет милијарди евра. Исто така и во однос на прашањето, дали една ваква голема инвестиција воопшто се исплати, мислењата се поделени. Во еден извештај на австрискиот финансиски институт „Ерсте Банк“ за турскиот авиосообраќај се укажува дека оддалеченоста на планираниот аеродром од градот претставува ризик. Тој имено треба да се изгради на околу 50 километри од градското јадро на Истанбул.

На ова се спротивставува експертот за воздухопловство Чебечи: Според негово гледиште новиот аеродром, независно од оддалеченоста ќе го зајакне значењето на Истанбул во меѓународниот воздушен сообраќај. Уште сега Истанбул во тој поглед е една од најважните крстосници во светот: „Денес од Истанбул има летови речиси за во целиот свет“.

Karte Großbrand am Flughafen Istanbul

Истанбул, важна крстосница на воздушниот сообраќај меѓу Азија и Европа


Протести на заштитниците на животната средина

Но, не се сите воодушевени од новиот аеродром. Тој имено треба да биде изграден во непосредна близина на езерото Теркос, кое ја покрива речиси целокупната потреба од вода на Истанбул. Затоа Тајфун Караман, директор на истанбулската Комора за градско планирање критикува зошто е избрано тоа место. Според неговото мислење, би било подобро да се прошири веќе постоечкиот аеродром во Текирдаг на 135 километри западно од Истанбул, наместо да се гради нов. Оддалеченоста за него не е проблем: „Би можело да се воспостави железничка линија со која ќе се поврзе со Истанбул - успешни примери за тоа има на аеродромите во Берлин и во Лондон“.

Исто така и активистите за заштита на животната средина го критикуваат проектот. Тие протестираат против сечењето на повеќе илјади хектари шума околу Теркос Езерото и укажуваат дека таа област е важно место за птиците преселници. Новиот мега-аеродром би можело да значи смрт за овие птици.