1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Исполнетото барање отвора европска перспектива

Апсењето на Ратко Младиќ е поздравено од странските државници. Се нагласува и европската перспектива на Србија.

default

Главниот обвинител на Хашкиот трибунал Серж Брамерц ја поздрави веста за аспењето на Ратко Младиќ и им оддаде „признание на српските власти за завршената работа“. Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо, апсењето на Ратко Младиќ го нарече важен чекор напред за Србија и на меѓународната правда, но и добар сигнал во правец на ЕУ и регионалното помирување. Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле изјави дека со апсењето на Младиќ Србија исполнува долгогодишно барање на ЕУ и на Хашкиот трибунал. „Германската влада за Србија гледа сосема јасна европска перспектива“, изјави Вестервеле во Берлин, додавајќи дека покрај целосната соработка со меѓународната правда, Србија треба да негува и добрососедски односи со сите соседни земји. Холандската влада, меѓутоа, е на поинакво мислење. Премиерот Марк Рут денеска изјави дека апсењето на Младиќ беше важен услов за приклучување на Србија кон ЕУ, но тоа не значи и дека сега автоматски ќе влезе во Унијата.

Американскиот заменик советник за национална безбедност Бен Роудс на прес-конференција изјави дека САД очекуваат Младиќ што поскоро да биде префрлен во Хаг. Тој додаде дека апсењето на Младиќ покажува дека сите вакви злосторства ќе бидат изнесени пред лицето на правдата. Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен исто така оцени дека апсењето овозможува правдата да биде задоволена. „НАТО е гарант на безбедноста на Балканот во поголемиот дел од изминатите две децении и денеска видовме важен чекор кон Европа во целина, кон слободата и мирот“, се наведува во соопштението на Расмусен. Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Кетрин Ештон, која денеска е во посета на Белград, изрази очекување Ратко Младиќ без одлагање да му биде предаден на Хашкиот трибунал. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун нагласи дека е ова „историски ден за меѓународната правда“.

Што се однесува до реакциите во регионот, меѓу првите реагираше претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Тој оцени дека апсењето на Ратко Младиќ претставува исполнување на меѓународните обврски од Дејтонскиот договор. Според Додик, апсењето на Младиќ нема да се одрази на мирот и стабилноста во Република Српска. Хрватската премиерка Јадранка Косор, пак, изјави дека очекува да биде уапсен и последниот бегалец обвинет во Хаг, Горан Хаџиќ. Според Косор, апсењето на Младиќ е важно и за стабилноста и мирот во целиот регион.

Автор: ЕМФ/ЖА/дпа/ртр/афп/бета

Редактор: Жана Ацеска