1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Испитот претстои

Во Вашингтон заврши пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. Грција и реформите на финансискиот систем доминираа. На крајот многу прашања останаа отворени.

default

Две теми го одбележаа пролетниот состанок на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка во Вашингтон. Медиумите се насочија кон фактот што со случајот „Грција“, ММФ првпат во својата историја и` помага на една држава од европската монетарна унија. Експертите, пак, расправаа околу прашањето како во иднина подобро да се контролира финансискиот и банкарски систем и да се покрие дел од трошоците од кризата.

Доминик Штрос-Кан, директорот на ММФ, видно се потруди да го отстрани стравот што Грците го имаат од строгите рестрикции што Фондот ги наметнува, во замена за поволни кредити. Нема потреба од страв од ММФ, рече Штрос-Кан во саботата во Вашингтон. Ние сакаме само да помогнеме, додаде тој. Сепак, директорот на Фондот не откри повеќе подробности околу актуелните преговори со владата во Атина. Едно е јасно: без барање за построг курс на консолидирање на грчкиот буџет, без кастрење на прегломазната државна администрација, без воведување ефикасен даночен систем, Грција нема да излезе од буџетската криза - и тоа не е лошо. Бидејќи ако сите овие реформи не се спроведат, триесетте милијарди евра од европските земји и петнаесетте милијарди од ММФ ќе беа само капка во морето и најдоцна по една година повторно ќе се отвореа нови дупки.

На некои европски политичари не им се допаѓа тоа што преку ММФ, Американците, кои имаат најголем број гласови во Фондот, сега индиректно се вмешуваат во земја-членка на ЕУ. Сепак, се работи само за несоодветна суетност. ММФ е, пред се’, организација на ОН и сите членки, кои финансиски учествуваат во овој Фонд, треба да имаат право и на помош, тогаш кога таа ќе им затреба. Освен тоа, ММФ има искуство и, пред се`, механизми за спроведување на реформите, нешто што земјите од ЕУ го немаат.

Redaktionsfoto der Wirtschaftsredaktion, Rolf Wenkel

Ролф Венкел

Без одлука околу давачките за банките

Една работа е јасна: директорот на ММФ, Штрос-Кан, од должничката криза излегува како победник, случајот „Грција“ значително ја зголеми неговата моќ и престиж. Сепак, овој заклучок не може да се извлече кога е во прашање една друга тема. Уште претходно Штрос-Кан се изјасни за воведување специјални даноци за банките, преку кои финансискиот сектор ќе се вклучи во покривањето на трошоците од сопствената криза. Можеби тоа го стори прерано, бидејќи околу оваа тема духовите се поделени. Германија, Франција, САД и Велика Британија се залагаат за воведување вакви давачки за банките, за разлика од Канада, Јапонија, Индија и Австралија, кои не се сложуваат. И двете страни имаат добри аргументи. Имаше земји, кои во екот на финансиската криза мораа да го спасуваат сопствениот банкарски систем од колапс со милијарди од парите на даночните обврзници, а имаше и земји кои не мораа да го сторат тоа. Потоа, има земји кои со парите од овој „казнен данок“ за банките сакаат да ги покријат трошоците, настанати за време на финансиската криза, а има и такви членки на Г-20, како Германија, кои овие пари планираат да ги инвестираат во кризен фонд, преку кој би се спречиле идните кризи на банкарскиот сектор и би се ограничиле ризичните зделки на финансиските институти.

На пролетниот состанок на министрите за финансии на земјите-членки на Г-20 не се донесе одлука околу ова прашање, специјалните даноци за банките ниту еднаш не се споменуваат во завршната декларација. Одлуката треба да се донесе во јуни, на средбата на дваесетте најразвиени индустриски и земји во развој во Канада - ако воопшто се отвори ова прашање. Во меѓувреме конјуктурата повторно зајакна, банките повторно остваруваат профит во милијарди, а на берзите повторно се постигнуваат рекорди. Со други зборови, временската рамка во која менаџерите на банките и финансиските жонглери можат да се убедат дека е потребна подобра контрола и разумно влегување во ризици, станува се помала. Многумина веќе преминуваат на следната точка од дневниот ред и се однесуваат како финансиска криза воопшто и да немало. Затоа организацијата на Г-20, која во текот на кризата зема залет како спасувач, сега се наоѓа пред најголемата проба.

Автор: Ролф Венкел

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска