1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Исмевање на противникот на германски начин

На т.н. среда пепелница се исмеваат политичките противници. Оваа година има доволно поводи: обвинувања за плагијат, сексизам, оставки. Притоа, сериозните теми не играат голема улога.

Својата т.н. среда пепелница, баварската Христијанско-социјална унија на интернет страницата на партијата ја нарекува „оригинал“. Зашто, за „татко“ на сочните говори важи легендата на ЦСУ, Франц Јозеф Штраус. Но, токму во годината кога се одржуваат парламентарни сојузни и покраински избори во Хесен и Баварија, другите партии не сакаат да заостанат.

Тоа што политичкиот противник, Социјалдемократската партија на Германија (СПД), првпат ќе ја има најголемата манифестација на среда пепелница, не ги плаши во ЦСУ. За нив другите и онака само го имитираат она што тие го почнале.

Производ на традицијата на големите баварски пазари со стока и коњи, часот на раѓање на политичката среда пепелница чукнал на 5. март 1919.година, кога Баварскиот селански сојуз поканил на првиот „Голем народен собир“. Во гостилниците се воделе жолчни политички дискусии. Оној кој најсилно вербално ќе го нападнел својот неистомисленик, добивал најголем аплауз од најчесто прилично напиените слушатели.

Franz Josef Strauß in Aktion

Франц Јозеф Штраус

Во 1970-те години Франц Јозеф Штраус среда пепелница ја направи вистински популарна. Следен од поддржувачките извици на своите приврзеници, тој од година во година, до својата смрт во 1988. година, „на заб“ ги земаше пред се‘ социјалдемократските политичари и делумно свесно ги навредуваше.

Штраус еднаш го нарече „дилетантски аматер-дипломат“ политичарот на СПД, Егон Бар, кој за време на канцеларот Вили Брант важеше за „архитект“ на Источните договори; поранешниот германски канцелар Хелмут Шмит го оквалификува за безбедносен ризик од највисок степен и својот говор го круниса со познатата иронична изрека: „Се нарекуваат социјалдемократи, а тие се комунисти“.

Politischer Aschermittwoch

Полната кригла пиво - составен дел од собирите на среда пепелница во Баварија

Вербални напади и „под појасот“

Но, често се вршат буквално и напади „под појасот“ - под впечаток на студентските немири во 1968 година, пратеник во Бундестагот од Христијанско-социјалната унија се одважи да каже дека СПД стигнала на власт во 1969. година само „поради тоа што ние премногу доцна ги кастриравме воловите“. Штраус еднаш пак, пред 7 илјади присутни, на среда пепелница рече: „Не е точно дека секој ден јадам за појадок еден соци ( Социјалдемократ,н.з.), јас го јадам само тоа што го сакам“.

Политичката среда пепелница долго беше домен на ЦСУ, но во средината на 1960-те СПД започна со свои манифестации. Во меѓувреме, ритуалот го презедоа и Партијата на зелените, Партијата на левицата и Либералите. Собирите на среда пепелница, во меѓувреме, се популарни и надвор од Баварија. Атракцијата на организирање политички исмевања на противниците останува, иако партиите меѓусебно програмски се приближија.

Некои жалаат по грубиот тон од времето на Штраус и сметаат дека политичките пресметки на среда пепелница станаа премногу „свилени“. Но, секоја година е гарантирано медиумското внимание.