1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Исланд дефинитивно се откажува од ЕУ

Исландската влада се откажа од планираното приклучување на државата кон ЕУ, без претходно, како што беше планирано, да го праша за мислење народот.

Владејачката Партија на напредокот и нејзините исто толку евроскептични коалициони партнери од Партијата на независноста, вчера (21.02) постигнаа согласност за предлог закон со кој треба да биде повлечена кандидатурата на Исланд за приклучување кон ЕУ, поднесена во 2010 година. Министерот за надворешни работи Гунар Браги Свеинсон за исландското радио изјави дека тој лично ќе ја „турка напред“ промената на курсот.

Ваквиот чекор на Исланд не доаѓа неочекувано, со оглед на тоа што преговорите на Рејкјавик со Брисел се ставени под мраз уште од април 2013 година, откако почна предизборната кампања во Исланд. Во коалиционата програма, меѓутоа, двете владејачки партии наведоа дека околу прашањето за приклучување кон ЕУ ќе биде одржан рефрендум. Според истражувањата на јавното мислење, на евентуалниот референдум мнозинствто граѓани би се изјасниле против приклучување на земјата во Унијата.

Исланд е дел од Шенгенскиот простор и профитира од слободниот проток на стока во рамки на европскиот економски простор. Но по прашањето на рибарството, државата каде се ловат китови има недоразбирања со Брисел, кој бара поголема заштита на животните и на околината.