1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Исламското културно наследство жртва на негрижата

Во Македонија има случаи во кои џамии стари 500-600 години се уриваат, за на нивно место да се изградат нови џамии од бетон. Заштитниците на културното наследство во земјата се соочуваат со големи предизвици.

default

Арабати Баба Теќе во близина на Тетово

Исламското културно-историско наследство од периодот на турското владеење во Македонија, како дел од нејзината вкупна мултицивилизациска слика, станува се позагрозено од забот на времето, но и поради негрижаа на човечкиот фактор. Наспроти сите активности на Националниот конзерваторски центар на Македонија. Нејзиниот директор Бехиџудин Шехапи се осврнува на фактографијата: „ Има 39 сакрални објекти: џамии, теќиња, турбиња... Покрај тоа, постојат 120 профани објекти: стари куќи, анови, караван-сараи, мостови, комплекси на чаршии... Ова се сочувани и со законот заштитени споменици на исламската култура. Меѓутоа, новиот закон за културното наследство предвидува евидентирање и ревалоризирање и голем број други вакви објекти, особено џамиите во селата, кои не се влезени во официјалниот регистер.“

Џамии стари 500-600 години со уникатни мозаици се уриваат и се градат нови бетонски

Behixhudin Shehapi, Direktor des National Konservierung Zentrum

Бехиџудин Шехапи, директор на Националниот конзерваторски центар на Македонија

Во земјата има веројатно околу стотина џамии, кои се дел ревалоризирани, и се под заштита на законот, а дел не. Некои од нив, иако се стари 600 години и имаат исклучителни елементи на исламската уметност и архитектура, веќе се урнати од нивните џамиски одбори, за да се градат на нивните места нови бетонски џамии. Деновиве ова се случи со „Гам - гам“– џамијата во Тетово. Директорот Шехапи посочува пример и во Скопје: „ Непочитувањето на законот е подрастично во случајот на ’Араста’ – џамијата, затоа што таа е изградена во 1420 година и е една од најстарите во Македонија. Урнати се нејзините темели и сиот извонреден мозаик.“

Едни од најбележитите објекти на исламското културно наследство се саат – кулите, кои немале само молитвени намени, односно да покажуваат во колку часот се молитвите во џамиите. Шехапи вели: „Саат – кулите служеле и за цивилното население, го покажувале времето. Од 11 саат – кули, кои се сочувани во Македонија, сите имаат третман како споменик на културата. Во некои места, како во Тетово, тој објект бил урнат. Но, ние изготвивме проект за реконструкција на саат – кулата во овој град, што ќе биде донација на една општина од Турција.“

Во Тетово се реконструира „Арабати баба теќе“, комплекс со ретки вредности, во кои повеќе од пет векови бектешите ги практикуваат своите мистични богослужби. Сегашниот поглавар на Бекташката заедница на Македонија, сместена во овој објект, баба Едмонд истакнува: „Ова теќе е момументално за бекташизмот, но и за Македонија. Монументално е и на рамниште на Балканот. Не постои таков комплекс, каде што се содржани сите белези на бектешкиот тарикат – ред.“ „Арабати баба теќе“ во Тетово како мултимедијален центар.

Теќето како мултимедијален центар

Baba Edmund , Häuptling der Derwisch-Gemeinde in Mazedonien

Баба Едмунд, поглавар на Бекташката заедница на Македонија

Бехиџудин Шехапи информира што презема македонската држава за заштита на овој објект: „Овој објект има извонредни вредности на исламската култура. Теќето е градено во 16. век, а е обновено кон крајот на 18. век. Во соработка со Архитектонскиот факултет направивме проект за реставрација на сите 28 објекти внатре во теќето. Од 2008 година ги обновуваме оградните ѕидови – бедемите. Целта е овој комплекс на исламската култура, најзначаен во Македонија, а можеби и на Балканот, да се претвори во мултимедијален центар и да му служи на народот, покрај тоа што во него бектешката заедница и Исламската верска заедница ќе продолжат да си ги вршат своите обреди.“

Шехапи посочува кои активности се преземаат и во другите региони на земјата: „Националниот конзерваторски центар спроведува проект во Мустафа – пашината џамија во Скопје, тоа се подготвува и за запалената џамија во Прилеп. Годинава ќе биде реставриран амамот во Дебар, а се планира во скорешен период и стариот мост во Желино, Тетовско и џамијата во Табановце, Кумановско. Веќе трета година по ред преземаме конзерваторски и реставраторски работи на декоративните елементи и внатрешноста во ’Шарената џамија’ во Тетово.

Националниот конзерваторски центар се обидува да се реставрираат и да се конзервираат и редица други, исто така, значајни споменици на исламската култура и уметност, во рамки на расположливите материјално – финансиски можности. Меѓутоа, факт е дека Македонија е во трка да го спречи процесот на губење на ова свое културно – историско наследство. Од центарот истакнуваат дека странските донации, особено оние од Турција, имаат важна улога во таквите напори.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Трајче Тосев