1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Исламски празник во Германија?

Претседателот на Експертската комисија за доселување и интеграција, Рита Зисмут, денеска се изјасни против идејата за воведување официјален исламски празник во Германија

Рита Зисмут во улога на изборен набљудувач на ОБСЕ

Рита Зисмут во улога на изборен набљудувач на ОБСЕ

“Тоа што ги почитуваме празниците на другите религии, тоа е едно, но никој не би дошол на идеја во некоја друга земја, на пример во некоја од арапските, да воведе таму христијански државен празник.“

Поранешната претседателка на германскиот парламент, инаку од Христијанско демократската Унија, се изјасни за воведување исламска веронаука на германски, но од друга страна против идејата на оџите во Германија да им се наметне германскиот како обврзувачки за нивните проповеди во џамиите. “Тоа не го бараме ни од полското малцинство или хрватското на пример, да ги држат нивните миси и проповеди на германски“ - појасни Зисмут и додаде дека она што е навистина важно, тоа е - што се случува во џамиите воопшто, а јазикот е само еден елемент во целината. Претседателката на експертската комисија за доселување и интеграција исто така оцени дека Германија се наоѓа пред многу големи задачи што се однесува до проблематиката на интеграцијата и законот за доселување што треба да почне да важи од 1 јануари е само чекор елемент во исправна насока.

На предлогот на заменик шефот на парламентарната група на Зелените, Кристијан Штребеле, што доби поддршка и од неговиот сопартиец и министер за екологија, Јирген Тритин, во меѓувреме дојде бура негативни реакции и тоа од сите поголеми партии. Дури и шефицата на парламентарната група на Зелените, Криста Загер го отфрли предлогот на Штребеле, а евро-пратеникот на Зелените, Чем Ездемир појасни дека не смета оти во моментов воведувањето исламски државен празник е најважното за што треба да се расправа.

Шефот на опозиционата Христијанско социјална Унија, и покраински премиер за Баварија, Едмунд Штојбер оцени дека предлогот на Штребеле, Германија да се откаже од еден од сегашните празници и на негово место да се воведе еден муслимански е потполно погрешен сигнал. Генералниот секретар на сестринската Христијанско демократска Унија, Лауренц Мајер, го оцени овој предлог дури како провокација. Шефицата на неговата партија, Ангела Меркел потсети на христијанско западните корени на Германија, кои според неа мораат да се огледаат и во државните празници.

И од редовите на владеачката социјалдемократска партија дојде негативна реакција на предлогот на Штребеле. Оваа иницијатива повеќе ги поларизира духовите во Германија, отколку што ги обединува, нагласи претседателката на парламентарниот одбор за внатрешна политика, Корнелија Зонтаг Волгаст.