1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ИД стигнала до десетици илјади оригинални пасоши?

Е.М. Фиданоска /афп/дпа20 декември 2015

Џихадистичката милиција „Исламска држава“ (ИД) најверојатно успеала да стигне до десетици илјади оригинални пасоши во Сирија, Ирак и Либија. Граничната служба Фронтекс предупредува од безбедносни ризици.

https://p.dw.com/p/1HQib
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Malla

„Исламска држава“, според пишувањето на весникот „Велт ам Зонтаг“, кој се повикува на информации од тајните служби, стигнала до бланко пасоши и машини за производство на патни исправи. До документите се дошло откако биле освоени официјални институции во повеќе градови во Сирија, Ирак и Либија.

Безбедносните власти, како што пишува весникот, стравуваат дека џихадистите ги користат пасошите за во Европа да внесат атентатори прикриени како бегалци. Од друга страна, ИД со пасошите и тргува - на црниот пазар веќе има вакви „вистински фалсификат пасоши“ по цена од 1000 до 1500 долари.

Шефот на европската служба за заштита на границите Фронтекс, Фабрис Леџери, за „Велт ам Зонтаг“ вели: „Се разбира дека големите бранови луѓе кои во моментов неконтролирано влегуваат во Европа претставуваат безбедносен ризик.“ Службениците на Фронтекс, според него, контролираат дали бегалците влегуваат со фалсификувани или украдени документи, но „информациите до кои што се доаѓа со контрола на бегалските пасоши се многу ограничени“. Во една земја со граѓанска војна, како Сирија, никој не може да гарантира „дека документи кои изгледаат вистински, се и навистина издадени од страна на официјалните власти“.

Сличен е ставот и во германското Министерство за внатрешни работи. „Со оглед на големиот број примени мигранти, во основа не може да се исклучи дека меѓу нив има, на пример, лица од сферата на општ криминал, воени злосторници, членови на милитантни групи, односно терористички организации или индивидуи со екстремни сфаќања, кои ги користат мигрантските бранови за да стигнат до Германија“, соопшти портпарол на Министерството на барање на агенцијата АФП.

Најмалку двајца од атентаторите од Париз влегле во ЕУ преку Грција со сириски пасоши. Тие притоа имале документи кои ИД ги украла во сирискиот град Рака. Во Австрија неодамна полицијата уапси уште двајца осомничени во еден дом за бегалци во Салцбург. Двајцата имале пасоши од истата транша од Рака.

Според информации на „Велт ам Зонтаг“, странска тајна служба неодамна на германските власти им предала листа со број на пасоши на оние документи кои биле украдени во Рака од страна на ИД. Податоците во меѓувреме, како што се вели, се веќе внесени во Шенгенскиот информативен систем. На тој начин би требало да се спречи влез на други атентатори.

Меѓутоа, џихадистите на ИД не се заинтересирани само за арапски пасоши. На аеродромот во Истанбул минатата недела, според медиумски извештаи, биле уапсени две лица кои сакале во Турција да прошверцуваат околу 150 европски пасоши. Едниот од уапсените е Белгиец со турско потекло, пишува „Велт ам Зонтаг“. Двајцата уапсени се осомничени дека работеле по налог на „Исламска држава“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема