1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Исламофобијата се шири како вирус

Во некои европски земји десните популисти разгоруваат страв од муслиманските доселеници. Тие се претставуваат себе си како заштитници на европските вредности, кои наводно, се загрозени од страна на муслиманите.

default

Протести против градењето џамии и муслиманите во Германија

Неодамна, во говорот по повод 20-годишнината од германското обединување, германскиот претседател Кристијан Вулф изјави дека, покрај христијанството и еврејската вера, во меѓувреме и исламот припаѓа кон Германија.

Но, реалноста изгледа поинаку отколку во ваквите свечени говори. Во Германија и во други европски земји расте бранот антиисламски популизам, чии претставници, ова се однесува најмногу на Шведска и Холандија, имаат влијание врз формирањето влади и започнуваат со меѓусебно поврзување. Така, докажаниот противник на исламот, Холанѓанецот Геерт Вилдерс само кратко пред говорот на германскиот претседател допатува во Берлин за да ги предупреди истомислениците:

„Германија, нејзиниот национален идентитет и економскиот просперитет се загрозени од политичката идеологија на исламот.“

Ставови без логична причина

Со Вилдерс не се согласуваат само неговите приврзеници. Според една анкета објавена деновиве, 55 проценти од Германците мислат дека доселениците и муслиманите Германија социјално и економски ја чинат многу повеќе отколку што самите придонесле за земјата. Оваа теза особена поддршка има во Источна Германија-70 проценти.

Symbolbild EU Islam Europäische Union

Нема логична причина за вакви мислења, смета етнологот и публицист професор Вернер Шифауер од Европскиот универзитет во Франкфурт на Одра. Но, во општеството се пробива еден вид неолиберално сфаќање, според кое „секој е ковач на својата среќа“ и според тоа, одговорен и за своите проблеми. Ваквиот начин на размислување дава поттик на имплицитен расизам:

„...во тој смисол што се создаваат групи, кои се споредуваат според нивните способности и преку тоа се врши нивно генерално вреднување,“ објаснува Шифауер.

Криза на идентитетот во ЕУ

Јазот меѓу она што го прокламираат политичарите и реалноста исто така станува се‘ поголем, проблем со кој се среќава не само Германија, туку и другите европски земји. Ваквиот развој започна со 11 септември, смета професор Шифауер, но се засили со длабоката криза на идентитетот во која западна ЕУ. Унијата во кратко време стана двојно поголема, но спорот околу уставот покажува дека се‘ помалку е јасно за што се залага сега Европа:

„Во овој момент делува привлечно да се дефинира другиот, да се врши дистанцирање од него, значи, класична слика на создавање непријател. Така муслиманот станува се‘ она што е спротивно на нашите вредности: хомофобичен, женомразец, антисемитист, неспособен за демократија, безвреден.“

Вакви разграничувања кон другите во Германија се практикувани во два наврати, кон Французите и кон Евреите. Одредени кругови и денес се обидуваат да се дистанцираат од другите луѓе и групи:

„Во тоа всушност ја гледам причината на паневропскиот антиисламизам, кој во моментов се шири како некој вирус“, истакнува професор Шуфауер.

Grafik Symbolbild Islam und EU Europäische Union Koran

Дека тоа во основа нема никаква врска со логично оправдано отфрлување на исламот, може да се прочита и од фактот што неприфаќањето е особено високо во Источна Германија. А таму речиси и нема муслимани, што значи нема ниту лични искуства со нив:

„Истиот феномен беше присутен и кај забраната на градење минариња во Швајцарија: градовите во кои живеат муслиманите протестираа против забраната за минарињата, додека оние кои беа за неа, де факто не беа воопшто засегнати со тоа во секојдневниот живот,“ објаснува професор Шуфауер.

Автор: Петер Филип/ Жана Ацеска

Редактор: Симе Недевски