1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Исламот не е дел од германската традиција?

Осуда за принудните бракови и загриженост за зголеменото регрутирање членови во ултра-конзервативна исламистичка група – тоа е епилогот од Исламската конференцијата. Фолкер Каудер од ЦДУ додаде масло на огнот.

Министерот за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих за време на конференцијата рече дека нема место во Германија за екстремизмот на Салафистите, испровоциран од неодамнешното дистрибуирање на 25 милиони копии на германски јазик од Коранот. „Тоа останува на агендата. Темата ни причинува големи грижи, бидејќи Салафистите за да ги исполнат своите цели се обидуваат преку многу добро насочена пропагандна мрежа да регрутираат посебно млади луѓе, со или без мигрантско потекло“, рече министерот за внатрешни работи Фридрих, додавајќи дека сите се согласуваат оти салафистичкиот екстремизам не е прифатлив во слободните општества, какво што е германското.

Потегот на салафистичката група наречена „Вистинска религија“ овој месец со делење на Коранот на улиците во Германија, Австрија и Швајцарија, како и преку интернет, со цел преобразување на немуслиманите, предизвика вознемиреност во Германија.

Islamkonferenz 2010 Kenan Kolat

Кенат Колат

„Со нив мора да се води општествена битка. Кога во секој случај следат против-уставни цели, тогаш органите за безбедност, така да се каже, си ја вршат работата. Затоа оваа тема треба таму да се третира, а не овде на исламската конференција“, рече Кенан Колат, претседател на турската заедница во Германија.

„Фрлена бомба“ на конференцијата

Тензијата на конференцијата ја поткрена изјавата, дадена за весникот „Пасауер нојер пресе“, на шефот на пратеничката група на конзервативците од редовите на партијата на Ангела Меркел.

„Исламот не е дел од нашата традиција и идентитет во Германија и не и припаѓа на Германија“, изјави Фолкер Каудер додавајќи: „Но, муслиманите и’ припаѓаат на Германија. Како жители во државата секако дека ги уживаат сите нивни права“.

Опозиционите социјалдемократи изјавата ја протолкуваа како „фрлање бомба на конференцијата“, а Каудер го нарекоа „последниот крстоносец за конзервативците“.

Принудните бракови се законски забранети

На конференцијата се дискутираше и за домашното насилство и принудните бракови. Повеќе од 3.000 жени и девојки во Германија, најголем дел од муслимански фамилии, биле принудени на принуден брак во 2008-ма година. Тоа е последната година за која има најнови статистички податоци. Германија во 2010-та донесе закон со кој како криминален акт се оценува присилувањето да се стапи во брак и за тоа следува затворска казна од пет години.

Според државните статистики, во Германија живеат околу три милиони Турци и Германци со турско потекло и токму затоа прашањето за интеграцијата останува дел од политичката дебата. Форумот на кој се дискутираше ова прашање се одржува од 2006-та година и на него учествуваат претставници од сојузните, државните и локалните власти, како и муслимански организации кои претставуваат половина од муслиманската заедница во Германија.