1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Исламистите од "Црвената џамија“ во Исламабад не се предаваат

Студентите при коранското училиште во пакистанскиот пристанишен град Исламабад нема да се предадат, туку ќе се борат до крај.

default

Дел од исламистите од коранското училиште кои се предадоа

“Ќе го прифатиме мачеништвото, но нема да се предадеме“ - порача водачот на бунтовнициоте забарикадирани во “Црвената џамија“ Абдул Рашид Гази. Кристоф Хајнцле испрати извештај од Исламабад за актуелната ситуација.

“Не можеме да се предадеме. Можеме да го жртвуваме сопствениот живот, но нема да се предадеме. Пакистанската влада е полоша од американската. Таа ја злоупотребува власта и армијата. Таа го води населението во погрешна насока. Ние сме против овој режим и нашата борба против него ќе продолжи“ - изјави водачот на отпорот во Црвената џамија Абдул Рашид Гази во едно телефонско интервју.

Ноќеска тој понуди да се откаже од натамошните борби, доколку пакистанската влада ги ослободи од одговорност сите лица кои се забарикадирани во џамијата. “Тие кои ќе се предадат не треба да бидат уапсени“ - побара Гази. Владата меѓутоа го одби предлогот и побара, како и претходно, безусловна капитулација.

Во текот на денот повторно се водеа огорчени борби околу џамијата, при што силите за безбедност користеа и гранати за да го зголемат притисокот врз радикалните исламисти. Тие пак стрелаа од покривот на зданието врз силите за безбедност. Официјално за изминатите три дена од почетокот на борбите има 19 жртви, но очевидци тврдат дека станува збор за неколку десетини.

Во меѓувреме расте притисокот врз претседателот Первез Мушараф да го скрши отпорот и да ја прекине блокадата на џамијата. Кај пакистанското население се чини дека расте и поддршката за неговиот цврст курс кон исламистите. Дел од ученичките во коранското училиште, кои во меѓувреме го напуштија комплексот на џамијата, напротив најавија продолжување на отпорот против владата:

“Не се точни информациите дека некој со сила не држел во џамијата, тоа се чисти лаги, пропаганда. По своја волја излеговме надвор, но сигурно ќе се вратиме.“

Безбедносни кругови во Пакистан тврдеа имено дека во џамијата има обучени терористи, кои ги користат учениците на коранското училиште како жив штит. Токму поради присуството на жени, па и деца во училиштето, претседателот Первез Мушараф до сега ја запираше операцијата за кршење на отпорот, што ја подготвија силите за безбедност.