1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Искажување почит или будалштина

Тагата по големата поп-ѕвезда Мајкл Џексон е голема и во Германија. Во повеќе градови веќе со денови неговите обожаватели организираат спомен вечери надвор, на улица.

default

Петок вечер пред келнската катедрала. Се слуша хитот на Мајкл Џексон од 1991 година „Хил д ворлд“. Околу 70 негови обожаватели танцуваат во чест на големиот поп-идол. Меѓу нив има луѓе од секоја возраст, не само млади: „Исцели го светот, не си сам, мораме нешто да придвижиме. Ние ја носиме во себе неговата порака. Кој е Господ? Дали го видел некој? Не! А Мајкл Џексон го видовме сите и тој го отелотворува во себе токму боженското за многумина на оваа планета“, објаснува еден од обожавателите.

Michael Jackson aus Sand geformt von Ubiratan da Concepcao

Мајкл Џексон од песок

За многумина од нив ненадејната смрт на Мајкл Џексон претставуваше вистинска катастрофа: „Затоа што сум голем фaн на Мајкл Џексон, затоа сум толку разочарана што тој почина. Во тој момент за мене се урна цел еден свет и само плачев кога ја видов веста на телевизија.“ Неговите обожаватели се среќаваат секоја вечер од 25 јуни наваму. За некои од нив почитта кон починатата поп ѕвезда се чини нема граници: „Доаѓам секој ден овде од денот на неговата смрт затоа што сум негов обожавател и затоа што сум цврсто уверен дека тој е најголемиот забавувач на милениумот. Тој според мене спаѓа во иста категорија со Елвис Присли, исто така со Моцарт и со Бетовен, значи со најголемите уметници на светот.“

Циркус, бесмислица и будалштина

Дел од обичните граѓани не го сфаќаат „целиот циркус“ околу Мајкл Џексон: „Страшна бесмислица и будалштина. Мислам дека луѓето немаат ништо попаметно да прават. За неколку месеци сите ќе го заборават и никој нема да го спомне. Каква смисла има целата возбуда сега?“ За една минувачка непријатен е и целиот шоу-бизнис што се прави околу погребот на Мајкл Џексон: „Страшно, за мене е тоа навистина неверојатно. Кога некој ќе почине, тоа треба да биде со достоинство и луѓето треба да го остават на мира. За мене овој циркус околу неговата смрт е понижувачки.“

Бесмислица или не, по веста за смртта на Мајкл Џексон неговите ЦД-а почнаа да се продаваат како алва. „Имаше неверојатно голема побарувачка на сите негови плочи и ЦД-а. Не можевме да ја задоволиме сета побарувачка. Да знаевме дека тоа ќе се случи можевме да заработиме огромни пари“, вели Фолкер Штомел од една продавница во Бон.

Автор: Кристина Шпротман / Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска