1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ирското претседавање со унијата – успешно!

Ирска може со задоволство да фрли поглед назад во изминатата половина година. Донесен е европскиот устав, најголемото проширување во историјата на унијата е завршено, а најден е и кандидат за претседател на комисијата.

Берти Ахерн

Берти Ахерн

На ирскиот претседавач со унијата, премиерот Берти Ахерн, мора да му ѕвонат ушите од пофалбите за неговото извршување на задачите, кои доаѓаат од сите страни. Голема заслуга на Ахерн е тоа што во вториот обид шефовите на држави и влади сепак успеаја да постигнат согласност околу новиот устав. Ахерн патуваше низ европските престолнини неуморно и ги вжешти телефонските линии за да ја постигне својата амбициозна цел – уставот.

Многу колеги го притискаа Ахерн да се кандидира за функцијата претседател на Европската комисија, со оглед на тоа што е извонреден водач на преговори и организатор, опремен притоа со вистинска порција одушевување од европската идеја. Но, Ирецот сепак повеќе сака да ја води владата во Даблин. Можеби за време на шестмесечниот мандат сфатил колку е напорна и напрегната врвната функција во Европа, која брои 25 членки.

Раздорот околу претседателската функција во комисијата го исфрла на површина прашањето – дали системот на наоѓање персонал генерално не е можеби надминат. Компромисниот кандидат, португалскиот премиер Жозе Барозо, кој Ахерн го извлече од шеширот под огромен временски притсок, е само решение во нужда.

Ирците извршија притисок во делот на борбата против тероризмот. ЕУ по нападите од 11 септември 2001 година, во тој дел си презеде многу задачи, но до пролетва не ги спроведе. На вториот самит под ирско претседателство, конечно можеше да се забележи напредок во делот на сработката во оваа сфера.

Претседателството беше помалку успешно во економската политика, која Ирците на почетокот на нивниот мандат сакаа да ја направат тема број еден. Во т.н. Лисабонски процес се остана на млаки изјави за намери. Во економската и финансиската политика државите на унијата често одеа по сопствени патишта. Ирците не успеаја да го олабават ниту судирот околу пактот за стабилност.

Повеќе или помалку без проблеми, на свеченоста во Даблин, мина приемот на десетте нови членки на унијата на први мај. Но, тогаш шефовите на држави и влади избегнаа контакт со населението. Оваа оддалеченост меѓу Европа и нејзините граѓани актерите ја почувствуваа на европските избори на средината од јуни. Опомена, за која меѓутоа не е одговорно ирското претседателство. Европската замореност е тренд кој постои со години , а на кој на патот безусловно мора да му застанат идните претседавачи.