1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ирска официјално го напушта спасувачкиот чадор

Ирска беше првата ЕУ држава, која кратко пред да банкротира го прифати европскиот спасувачки чадор. Сега земјата повторно застанува на сопствени нозе. Денеска Ирците ја напуштаат заштитната програма.

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја повика Ирска на дисциплина, пред земјата да се врати во финансиска самостојност. Банките споро напредувале во решавање на проблемот со гнилите кредити, а високото задолжување на приватните домаќинства претставува ризик за финансиската стабилност. ММФ меѓутоа најде и пофални зборови. Ирска во изминатите три години, додека беше под спасувачкиот чадор, ги консолидираше јавните буџети со строга политика на штедење, оценува Фондот.

Ирска во рамките на заштитната програма користеше кредити од ЕУ и ММФ во висина од 67,5 милијарди евра. Денеска (15.12.) завршува програмата.

ММФ за земјата оддели 22,5 милијарди евра. Последната транша во висина од 600 милиони евра беше одобрена во петокот. Во четвртокот пак Комисијата на ЕУ ги одобри последните 800 милиони евра од нејзинот пакет.

На работ на државен банкрот

Ирска во 2010 година западна на работ на државен банкрот поради тешка криза со недвижности и неправилностите во банкарскиот сектор. Откако каматите за ирските државни обврзници достигнаа неподносливи рамки и се искачија на повеќе од 14 проценти и на тој начин речиси стана невозможно финансирањето на пазарите, Ирска го прифати европскиот спасувачки чадор.

Во 2010 година новите задолжувања на Ирска се искачија на повеќе од 30 проценти од брутодомашниот производ - договорите од Маастрихт одобруваат три проценти. За 2013 година ММФ прогнозира дефицит од седум проценти.

Министерот за финансии Мајкл Нонан очекува дека вкупното задолжување оваа година со 124 проценти од БДП ќе го достигне максимумот. Тој во Даблин најави одржлива политика на долговите со намера долговите што поскоро да се намалат на од ЕУ дозволените 60 проценти.

Невработеноста во Ирска во ноември, според податоци на ММФ, изнесуваше 12,5 проценти.