1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ирската влада убедена дека референдумот го одобри европскиот пакт

Гласачките ливчиња од вчера одржаниот референдум во Ирска се пребројуваат денеска, но владата очекува дека повеќе од две третини, односно 60 проценти од гласовите ќе бидат „ДА“ за европскиот фискален пакт.

„Сигурно може да се каже дека со ДА се определиле 60 проценти од избирачите“, информираа два извори од ирската влада. Пребројувањето на гласовите започнува рано утрината, а официјалните резултати ќе бидат соопштени подоцна во денот.

И анкетите до одржувањето на референдумот покажуваа дека тој ќе мине со одобрување на европскиот фискален пакт, иако владата во Даблин стравуваше дека поддршката може да биде и под 50 проценти, со што идните финансирања на Ирска ќе се доведеа под знак прашалник. Отфрлањето на договорот ќе ја исклучи Ирска од спасувачките фондови на ЕУ, а сегашниот пакет помош истекува во 2013-та година.

Мал одзив поради времето?

Ирската државна телевизија РТЕ објави дека половина од 3,1 милион граѓани со право на глас излегле на референдумот и потсети дека во минатото Ирците на референдумите за европските договори гласаа во мнозинство со „НЕ“. Медиумите причина за слабиот одзив бараат во лошото време во Ирска, бидејќи вчера таму имаше обилни врнежи од дожд, кој ги одвратил граѓаните од намерата да излезат на гласачките места. Оние кои гласаа имаат различни ставови за фискалниот пакт.

„Мислам дека силното ДА ќе испрати сигнал во Европа дека Ирска сака да биде дел од јадрото на Европа и дека сака да се движи кон подлабока интеграција, а не како нашите соседи во Велика Британија, кои се издвојуваат од договорот“, изјави Финбар МекДонел, кој гласаше за европскиот договор.

„Мораме да инвестираме, мораме да ја стимулираме економијата. Мислам дека штедењето е камен-темелник на нашата пропаст“, смета политичкиот советник Дајти Долан.

На земјата ќе и’ треба нова помош

Ирската влада го предупреди народот дека можеби би морала да побара помош од Европскиот механизам за стабилност – новиот постојан фонд за спас, кој стапува на сила во јули и пристапот до него го гарантира фискалниот пакт. Ирска пред 18 месеци беше принудена да прифати помош од 85 милијарди евра од ЕУ и Меѓународниот монетарен фонд, откако економијата и’ се доближи до колапс.

Иако за договорот за фискалниот пакт е потребна ратификација од само 12 од 17 членки во еврозоната, сепак неговото одбивање би било поткопување во клучните европски иницијативи за ставање крај на економските проблеми во Грција и Шпанија. Потпис на договорот ставија лидерите од сите земји членки на ЕУ, освен Велика Британија и Чешка.

Данска го ратификуваше пактот во вторникот, со што стана петата држава што го направила тоа, по Романија, Португалија, Грција и Словенија. Ирска е единствена земја што побара одобрување на планот за стриктна буџетска дисциплина, предложен од Германија. Вчерашниот референдумот во земјата беше трет во четири години за некое европско законодавство.