1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Ирина Бокова: Земјите од Југоисточна Европа се способни да изградат заедничка иднина

Ирина Бокова, генералната директорка на УНЕСКО, денеска е во посета на Македонија, по повод 50-годишнината од Струшките вечери на поезијата. Како таа гледа на оваа манифестација и на културната соработка во регионот?

default

Ирина Бокова е бугарска политичирка со долгогодишно искуство. Таа извршувала значајни функции во бугарската влада и истовремено е прва жена и претставник на една земја од поранешниот источен блок, која доаѓа на чело на УНЕСКО.

ДВ: Госпоѓо директорке, Струшките вечери на поезијата годинава ја прославуваат педесетгодишнината од основањето. Вашето присуство на оваа манифестација сведочи за важноста која УНЕСКО и` ја придава. На кој начин УНЕСКО ја поддржува поезијата?

Ирина Бокова: Ми претставува задоволство да бидам присутна на одбележувањето на јубилејот, бидејќи Струшките вечери на поезијата и славењето на поезијата во Струга се  многу познати, не само во регионот на Југоисточна Европа, туку и подалеку. Не случајно УНЕСКО уште одамна се здружи со Струшките вечери на поезијата. Затоа одбележувањето на оваа годишнина за мене, како прв генерален директор на УНЕСКО со потекло од регионот на Југоситочна Европа, ми претставува голема радост.

УНЕСКО ја поддржува поезијата и воопшто литературата како едно од најсилните средства за изразување на културната разноликост и богатството на јазиците, што ние ги промовираме. Ние ги охрабруваме државите-членки да ја поддржат работата на поетите, на писателите, на преведувачите, исто како и на професорите.

Меѓу програмите на УНЕСКО, кои се однесуваат на литературата, морам да го наведам „Индексот  Транслaтионум“ (Index Translationum), меѓународна библиографија на преведени дела. Тоа е многу значајно, бидејќи благодарение на тој реномиран инструмент, УНЕСКО придонесува за дифузијата на дела на поетите од целиот свет и тоа на стотина различни јазици. Во однос на поезијата, Генералната конференција на УНЕСКО во 1999 година го прогласи 21 март за Светски ден на поезијата.

Der Fluss Crni Drim bei Struga in Mazedonien

Преку Струга се градат мостови во Југоисточна Европа

Но да се вратиме конкретно на Струшките вечери на поезијата. Мојот претходник Коичиро Мацуро, поранешниот генерален директор на УНЕСКО, во 2003 година го најави создавањето на меѓународната награда за поезија „Мостовите на Струга“. Целта на оваа заедничка иницијатива на министерството за култура на Република Македонија и УНЕСКО е да се промовира поезијата и да се поддржат талентираните млади поети од светот. Околу и во рамките на таа награда објавивме повеќе поетски дела, како поезија на лауреатите и збирка на другите учесници под насловот „Мостови“. Тоа е симболичен наслов, бидејќи имаме потреба од мостови во Југоисточна Европа, имаме потреба од мостови за промовирање на заеднички места, заедничка историја, културна размена, наследство, но исто така за да се изгради мостот кон иднината.

На крај, морам да нагласам дека ние не ја поддржуваме само Југоисточна Европа. Имаме и други програми, како новата програма „Рабиндрант Тагоре, Пабло Неруда и Еме Сезар за помирување во светот“. Оваа нова програма ќе ја лансираме официјално на 14. септември, со неа сакаме да ја дифуизираме пораката и делото на овие поети за светот да биде посмирен, поправден и подемократски.

Г-ѓо Бокова, Струшките вечери на поезијата се одржуваат на брегот на Охридското езеро, градот Охрид и регионот се наоѓаат на листата на светското наследство. Како УНЕСКО го следи почитувањето на заштитата на овој дел од светското наследство?

За нас заштитата и зачувувањето на светското наследство во рамките на Конвенцијата за заштита на светското наследтво е с`ржта на активноста и мандатот на УНЕСКО. Исто така, денес во еден глобализиран свет, концептот на светско наследство кое ја инкарнира универзалноста на човештвото е многу важно. Тука се подразбира и заштитата на градот Охрид кој се наоѓа на листата на светското наследство на УНЕСКО, тоа е свето место и културен симбол со огромна важност за целиот регион и пошироко. Тој ги претставува универзалните вредности. Морам да ви ја искажам мојата лична одлучност исто како и таа на УНЕСКО за негова заштита и понатамашно вреднување на ова исклучително знаменито место.

Следењето на заштитата е една од главните функции на Светскиот комитет за налседство, се разбира во соработка со земјите кои се дел од него. Тој бдее на состојбата со конзервацијата на овие места преку процесот на следење, за тие да бидат заштитени и зачувани за идните генерации.

Во соработка со американската влада, УНЕСКО работи на реставрација на архитектонски елементи и на фреските во црквата Свети Софија во Охрид. Во 2010 година националните власти добија 65.000 долари од американската влада, што претставува позитивен знак за билатерланта и мултилатерлната соработка. Бирото на УНЕСКО од Венеција, кое се грижи за заштитата на наследството во Југоисточна Европа, помага во изработката на програмите за реставрација. Но, морам да потсетам дека одговорноста за заштита на светското наследство, пред се`, е одговорност на државите.

Република Македонија има поднесено уште три природни убавини на индикативната листа на светското наследство: пештерата Слатински извор (2004), Маркови Кули (2004) и археолошко-астрономскиот локалитет Кокино. Што всушност претставува таа листа?

Според Конвенцијата има две листи, репрезентативната листа која на еден начин е официјалната листа на која се запишани знаменитостите од светскотот наследство, а потоа и индикативните национални листи кои играат значајна улога, бидејќи пред да се најде на репрезентативната листа, секое место треба да се најде најпрво на индикативната листа.  

Sternwarte Kokino

Кокино има голем потенцијал да стане светско културно наследство

Предлозите за светската листа се разгледуваат само ако местото веќе се наоѓа на националната идникативна листа. Овие листи се многу значајни, бидејќи тие се еден вид корисен инструмент за планификација на државите. Во таа насока ние работиме со Република Македонија за промовирање на други места и подготовка на нови предлози за вклучување на други знаменитости како пештерата Слатински извор, Маркови Кули и археолошко-астрономскиот локалитет Кокино. Постои голем потенцијал за да се запишат нови места.

Во многу случаи ние ги охрабруваме соседните држави, кои делат заеднички знаменити места, заедно да ги предлагаат до УНЕСКО.

Мислам дека Југоисточна Европа има голем потенцијал да предлага такви места, што ќе претставува знак на засилена културна соработка во регионот.

УНЕСКО конкретно е вклучен со финансиска помош меѓу другото и во реконструкцијата на манастирот Свети Јован Бигорски, кој беше уништен во пожарот од 2009 година, но исто така во развојот на проектот Крушево – етноград... Зошто беа одбрани тие проекти и дали се предвидени други во кои ќе биде вклучен УНЕСКО?

Ние веќе придонесовме за реконструкцијата на манастирот Свети Јован Бигорски, тоа е многу значаен проект за нас. Тоа беше по барање на владата, ние сме горди што одговоривме со ургентна помош на ова барање во 2010 година. Ние исто така подржуваме и развој на традициите како етнофестивалот од Крушево. Нивното финансирање се прави преку нашето биро во Венеција, од помошта која беше дадена од италијанската влада. Ние ја поддржуваме исто така и промоцијата на локалното културно наследство, со што локалното население ќе се чувствува валоризирано преку традициите и своето наследство,  тоа ја развива локалната економија преку туризмот. За нас врските меѓу културата и развојот се многу важни и затоа секогаш ставам акцент врз оваа врска. Тоа важи и за Југоисточна Европа, бидејќи потенцијалот овде не е доволно развиен, двата случаи кои вие ги наведовте ја покажуваат вредноста на тоа културно наследство, но и развојот на локалната економија.

УНЕСКО се` повеќе му дава значење и на духовното-нематеријално наследство. Поради кои причини Македонија не успеа да се запише на листата на нематеријално наследство на УНЕСКО со својот предлог, орото „Тешкото?“

Се надевам дека Македонија ќе успее да стави на листата многу делови од своето духовно-нематеријално наследство. ПЈРМ ја ратификува во јуни 2006 Конвенцијата, потенцијалот постои, но тоа е еден процес, меѓувладиниот комитет во ноември 2012 ќе разгледа некои од новите национални предлози. Јас знам дека предлозите беа доставени во март годинава и се надевам дека во 2012 година ќе имаме нови духовни-нематеријални наследства на оваа листа.

Г-ѓо Бокова Вие добро го познавате регионот на Балканот, бидејќи и самите сте со потекло од Бугарија. На кој начин УНЕСКО придонесува за надминување на разликите од минатото, преку заштитата на културите, спомениците, јазиците, традициите, малцинствата...? Дали тие прашања ќе бидат разгледани и на конференцијата во Белград на 1. и 2. септември?

Јас сум многу чувствителна на културната соработка и соработката врз основа на наследството, би рекла исто така и на политичката соработка во Југоисточна Европа, бидејќи мислам дека нашиот регион заслужува нешто подобро во оваа насока. Ние имаме понекогаш тажна историја но нашата иднина е оптимистичка, и токму тука културата и културната разноликост треба да игра многу важна улога.

Мислам дека културата и културната разноликост се тие коишто треба да бидат во срцето на надминувањето на тие разлики и заемната толеранција. Нашите активности во УНЕСКО, уште пред моето доаѓање, односно активностите на моите претходници одат во таа насока. Ние сме коорганизатори на годишниот самит на шефовите на државите и владите на земјите од Југоисточна Европа. Идниот самит ќе се одржи на 1. и 2. септември во Белград, исто така ние сме коорганизатори и на министерски конференции посветени на културното наследство во регионот.

Самитот во Белград ќе биде посветен на улогата на современата уметност во дијалогот и соработката. Мислам дека навистина е добро што воведуваме малку модерност  во овој дијалог, бидејќи современата уметност треба да се сфати како средство и вектор за помирување. Современата уметност е креатор на поволна средина за културната разноликост од која ќе имаат корист сите општества во овој дел на Европа.

Ние во регионот имаме многу повеќе потреба и барања за споделување и заедничка работа, за да може да помине пораката за значењето на културата и наследството во другите региони во светот, односно дека ние земјите од Југоисточна Европа сме способни да изградиме заеднички трајна иднина.

Според Вас, дали на Балканот соседите ја познаваат културата и воопшто своите соседи?

Panoramabild von Ohrid

Грижата за културното наследство е, пред се`, задача на државите

Мислам дека ние не ја познаваме доволно културата на нашите соседи. Балканот и Југоисточна Европа беше долго време поделен за време на студената војна, а има и психолошки граници меѓу народите од Југоисточна Европа, во еден глобализиран свет затоа е потребно да се надмине ова. Ние имаме потреба од поголема размена, поголеми познавања. Недоволното меѓусебно познавање создава извесни стереотипи и анемозитети иако меѓу нас делиме голема заедничка историја и наследство. Мислам дека имаме потреба од повеќе мостови од едните кон другите.

Улогата на УНЕСКО и мојата амбиција е да изградиме повеќе мостови меѓу земјите од Југоисточна Европа, со тоа ние ќе бидеме многу посилни, многу повеќе почитувани, ние ќе бидеме многу повеќе признати од другите ако успееме да најдеме сили да го признаеме тоа и да одиме едните кон другите за заеднички да се движиме кон иднината. Убедена сум дека ќе успееме во тоа.

Г-ѓо Бокова, инцијативата на поранешниот трагично починат претседател на Македонија Борис Трајковски за дијалогот меѓу религите и цивилизациите под покровителство на УНЕСКО, сигурно придонесува за подобро разбирање меѓу народите од регионот?

Треба да подвлечам дека инцијативата на поранешниот претседател Борис Трајковски, кој ја покрена идејата за директен дијалог посветен главно на прашањата за културата и дијалогот, тоа сега е во срцето на Самитот на шефовите на државите и владите на земјите од Југоисточна Европа. Првиот самит кој се одржа во Охрид во август 2003 го означи почетокот на инцијативата за редовни годишни самити. Погледнете само колку години оваа инцијатива се развива, самитот од Охрид беше следен со самитот во Тирана, Варна, Опатија, Цетиње, Атина, Истанбул и сега Белград.

За мене нема сомневање дека оваа серија на средби на највисоко ниво се крајно важни и конструктивниот дијалог кој се роди на нив води кон подобро разбирање меѓу политичките лидери, меѓу владите, но и она што е најважно меѓу луѓето од регионот. Има многу конкретни проекти кои се развија по овие самити и мислам дека дијалогот подразбира пред сè: комуникација, заемна размена, интеракција и исто така капацитетот да се слушаме едни со други. Истовремено, дијалогот значи вистинско признавање на другиот и средство за меѓусебно запознавање.

Интервјуто го водеше Тони Гламчевски

Редактор: Трајче Тосев