1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ирачките бунтовници ја освоија Фалуџа

Сунитските бунтовници во Ирак го освија градот Фалуџа. Поранешното упориште на сунитските борци на отпорот е во рацете на екстремистичката група „Исламска држава во Ирак и Левант“ (ИСИЛ), која е блиска до Ал Каеда.

По повеќе од 10 години од американската инвазија во Ирак, поранешното бунтовничко упориште Фалуџа е повторно во рацете на бунтовниците на ИСИЛ. Според претставници на безбедносните сили, делови од предградијата на Фалуџа се‘ уште се во раце на полицијата.

Во текот на вчерашниот ден во Фалуџа и во Рамади, кој се наоѓа во близина, се водеа најтешките борби со години. Очевидци тврдат дека во текот на пладневната молитва стотици вооружени лица со црни знамиња на џихадистите се собрале во центарот на градот и прогласиле „исламска држава“.

Фалуџа по влегувањето на американските сили во Ирак, пролетта 2003 година, беше едно од упориштата на сунитските бунтовници, во коешто со месеци се водеа тешки борби.

На крајот, на американските сили, со помош на регионалните племенски милиции, им успеа да го стават градот и соседната провинција Анбар под контрола. Според податоци на независната интернет страница icasualties.org една третина од загинатите американски војници во Ирак биле убиени во Анбар.

По повлекувањето на американските трупи на крајот на 2012 година, исламистичките бунтовници во Анбар повторно зајакнаа. Аналитичарите проценуваат дека сунитската ИСИЛ, меѓу другото, профитира од бесот на сунитското население од политиката на владата, во која доминираат Шиити. Сунитите се чувствуваат дискриминирани од страна на власта и се жалат на целни репресалии од страна на безбедносните сили, во кои исто така доминантни се Шиитите.

Најновата ескалација на насилство беше испровоцирана од расчистувањето на еден протестен камп на противниците на власта во Рамади, во минатиот понеделник.