1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Ирачката влада нареди истрага

Расте затегнатоста меѓу Шиитите и Сунитите во Ирак по објавувањето на приватно направеното видео од бесењето на поранешниот ирачки властодржец Садам Хусеин. Таму може да се види и да се слушне како Садам до последниот момент бил навредуван.

Ниту по бесењето Садам не го остава Ирак на мира:демонстрации на Сунитите

Ниту по бесењето Садам не го остава Ирак на мира:демонстрации на Сунитите

По објавувањето на неофицијалните снимки од бесењето на Садам Хусеин што доведе до протести во подрачјата во Ирак каде што живеат Сунитите, владата во Багдад соопшти дека има намера да го открие снимателот и да го повика на одговорност. Филмот го покажува бесењето во цела должина и се разликува од официјалната владина верзија по тоа што има и тон. Токму тоа е најголемата разлика. На неофицијалната снимка може да се слушне како Садам до последниот момент бил навредуван и исмејуван. Мажи го скандираат името на шиитскиот водач Моктада ел Садр и неговиот татко Мохамед Бакир кој бил убиен за време на власта на Садам. Провокација повеќе, зашто Садам беше Сунит. Оттаму, бесењето не наликува на извршување на пресуда од името на целиот ирачки народ, туку како чин на одмазда на Шиитите. Владата од тие причини најави истрага која, како што изјави советникот на владата Сами ал Аскари, треба да разјасни кој ја направил снимката и кој им ја предал на медиумите. Најверојатно, снимката е направена со мобилен телефон. Еден ирачки јавен обвинител изјави дека двајца сведоци, и покрај препораките, имале мобилни телефони, меѓутоа не сакаше да спомне имиња. Тој не знае како им успеало да добијат телефони во просторијата за егзекуција, зашто Американците на присутните претходно им ги одзеле телефоните.

Во меѓувреме, ирачкиот претседател Џалал Талабани соопшти дека во основа одбива смртна казна и се дистанцира од бесењето на Садам. Притоа тој укажува на фактот дека статутот на судот кој на 26 декември ја потврди смртната казна, не предвидува можност за помилување. Значи никој, па ни претседателот, не може да интервенира во решенијата на судството, зашто тоа е независно.