1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран ќе вежба блокада на Ормускиот теснец

Затегнатоста меѓу САД и Иран продолжува. Иранската армија тестираше нова ракета со среден дострел и најави дека утре ќе тестира блокада на Ормускиот теснец. САД претходно одново ги заострија санкциите против Техеран.

default

Иран тестираше ракета со среден дострел

Во рамките на маневрите на иранската морнарица во близина на Ормускиот теснец армијата истрела ракета со среден дострел, изјавил адмиралот Махмуд Масави, одговорен за вежбата, за агенцијата Ирна. Ракетата земја воздух располага со „најнова технологија“ и била „развиена и произведена“ во Иран. Мусави истовремено најави дека иранската армија утре, на крајот на маневрите кои почнаа на 24 декември, ќе вежба блокада на Ормускиот теснец. „Од утре голем дел од нашите поморски сили на море, под вода и во воздух ќе се позиционираат во нова тактичка формација, која ќе оневозможи премин на сите бродови преку Ормускиот теснец, доколку Исламската република донесе одлука за тоа“, изјави Мусави.

Техеран вчера пак испрати помирувачки тонови. Главниот преговарач за атомската програма Саид Џалили, според медиумски информации, најави дека Иран ќе се врати на преговарачка маса за атомската програма со петте вето сили на ОН и Германија.

Iran Straße von Hormuz

Ормускиот теснец

Иранскиот вицепретседател Мохамед Реyа Рахими претходно се закани дека Иран ќе го блокира морскиот теснец како реакција на евентуални натамоши санкции против Техеран. Ормускиот теснец се наоѓа меѓу Иран и Оман и е една од најважните поврзници за бродскиот сообраќај до пристаништата за нафта во Иран и земјите од Персискиот залив.

Нови санкции против Иран за шест месеци

САД и повеќе европски држави, по санкциите во нафтената и браншите за земен гас и петрохемија, имаат намера да воведат санкции против иранскиот експорт на нафта.

Во саботата американскиот претседател Барак Обама го потпиша буџетот за одбрана на САД, кој меѓу другото предвидува натамошни санкции против Иран поради неговата спорна атомска програма. Според документот на странските кредитни институти кои имаат контакти со иранската Централна банка ќе им бидат забранети деловни активности во САД. Ова правило треба да стапи во сила за шест месеци.

Iran Brennstäbe

Иран произвел нуклеарна прачка

Иран произведе нуклеарна прачка?

Во меѓувреме Иран објави дека научниците ја произвеле првата нуклеарна прачка на земјата. Нуклеарната прачка веќе била употребена во јадрото на истражувачкиот реактор во Техеран, објавено е денеска на интернет страницата на иранската Агенција за атомска енергија. Не е познато дали прачката била збогатена со ураниум или како дел од тест била празна. Западот се сомнева, дали Иран има капацитети за производство на нуклеарни прачки. Техеран се изјасни дека поради меѓународните санкции земјата не можела да набави нуклеарни прачки во странство, затоа Иран морал самиот да ги произведува.

Вестервеле бара од Иран конкретни дела

Германскиот министер за надворешни работи воздржено реагираше на понудата за разговори на Иран околу атомскиот спор. „Овие информации внимателно се следат“, изјави денеска портпарол на Министерството за надворешни работи во Берлин. Од агол на германскиот министер не се бројат „само непрецизни најави, туку конкретни и потврдени дела“. Во однос на затеганоста околу Ормускиот теснец, официјален Берлин е загрижен. Ако вербалната ескалација од изминатите денови „заврши во вистинска ескалација“, тоа би имало „несогледливи последци“.

Автор: АТ/ ЖА/ афп/ дпад/ дпа

Редактор: Жана Ацеска