1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Иран тактизира, Американците недоверливи

Залудни беа напорите на вчерашната вонредна седница на Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена за изнаоѓање излез во заострениот спор околу иранската атомска програма. Иран го одби предлогот на ЕУ, најави дека денеска целосно ќе ги активира постројките за облагородување уран, но навести и готовност за нови преговори со Унијата. Европејците, пак, посакуваат дипломатско решение за да не мора во

Американскиот претседател Џорџ Буш не им верува на Иранците во врска со нивната атомска програма

Американскиот претседател Џорџ Буш не им верува на Иранците во врска со нивната атомска програма

спорот да се вклучи и Советот за безбедност на ОН. Американскиот претседател Буш со длабока недоверба гледа на иранските атомски желби и јасно стави на знаење што очекува од новиот ирански претседател.

Иран покажува готовност за нови преговори со ЕУ. Претседателот Ахмадинеџад во синоќешниот телефонски разговор со генералниот секретар на ОН Кофи Анан најави иницијативи и предлози од иранска страна веднаш откако новата влада по две недели ќе стапи на должност. Истовремено, меѓутоа, иранскиот претставник кај Меѓународната агенција за атомска енергија Сирус Насери соопшти дека неговата земја во текот на денов во целост ќе ги стави во погон постројките во Исфахан.

На вонредната седница на Советот на гувернерите на Меѓународната агенција, засега не се навестува постигнување согласност околу предлог-резолуцијата поднесена од ЕУ. Консултациите продолжуваат и денеска. ЕУ, според дипломатски наводи, врши притисок за упатување последно предупредување до Иран неодложно да го напушти курсот на конфронтација. На средбата во Виена сепак не се очекува спорот да биде префрлен пред Советот за безбедност на ОН. Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед ел Барадеј се надева на продолжување на разговорите меѓу ЕУ и Иран. „Ќе се советувам со Бордот и ќе видам како тој ќе реагира. Се надевам дека ова едноставно е само пречка во процесот, а не целосен прекин “ – вели Барадеј.

Новиот американски претставник во Агенцијата Грегори Шалти најави поединечни разговори на САД со ЕУ и другите членови на Советот на гувернерите околу натамошните постапки во спорот. САД сакаат да го зголемат притисокот врз владата во Техеран за да ја наведат земјата да попушти. Американската влада искажа претпазлив оптимизам за најновата готовност на Иран за продолжување на преговорите, но остануваат досегашните задршки: „Ние имаме најдлабока недоверба во однос на тие нуклерарни желби. Нашите европски пријатели Германија, Франција и Велика Британија мораат и натаму по дипломатски пат да се обидат да го наведат Иран да се откаже од својата атомска политика“ – изјави американскиот претседател Џорџ Буш на својот ранч во Крофорд, Тексас, каде го минува одморот. Но, што ако Техеран опстои на ставот и не сака дефинитивно да се откаже од програмата за облагородување уран? „Доколку Иран и натаму тактизира, ние уште еднаш ќе зборуваме со Европејците. Можна консеквенција би била вклучување на Советот за безбедност“. Џорџ Буш непосредно пред прес-конференцијата во Крофорд бил информиран за најавата на иранскиот претседател за поднесување сопствени предлози. „Ако навистина така рекол, тоа е знак дека Иранците сфатиле оти не се само САД загрижени поради атомската програма, туку и Европејците многу сериозно ја сфаќаат работата – тоа би бил позитивен развој“.

Вашингтон во секој случај е уверен дека во моментов убедливо претежнува негативното. Министерот за одбрана Доналд Рамсфелд ги потврди извештаите од печатот дека во Ирак биле пронајдени модерни бомби од иранско потекло, што се употребуваат против американските војници: „Да, точно е. Во Ирак е пронајдено оружје од Иран. За Иран не е од полза ако дозволува тоа оружје да доаѓа преку границата“.

Според весникот „Њујорк Тајмс“, станува збор за технички многу совршени бомби, кои можат да уништат и оклопни возила.Тие се сосем нова смртоносна закана за американските војници, кои ионака секојдневно са напаѓани од бунтовниците.