1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран пред последна шанса за дијалог?

Експерти на Меѓународната агенција за атомска енергија во Техеран ги започнуваат преговорите за атомската програма и се надеваат на пристап до атомските постројки.

Појасно од кога и да е досега Меѓународната агенција за атомска енергија во последниот извештај од ноември минатата година изразува сомнеж дека Иран тајно работи на атомска бомба. Според Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Јукија Амано, крајно време е владата во Техеран да даде информации по многу отворени прашања во однос на нуклеарната програма на земјата. „Извештајот е внимателно формулиран. Во него е содржана констатацијата, дека Иран спровел значителни чекори за развој на нуклеарни боеви глави. Понатаму не би навлегувал. Не сакам да шпекулирам“.

Still Video TV Iran Ahmadinedschad Atom Atomprogramm

Иранскиот претседаел Махмуд Ахмадинеџад

Опсегот и деталноста на извештајот се невообичаени. Авторите постојано истакнуваат дека своите сознанија ги црпат од мноштво независни извори. Според извештајот, Иран изминатите години бил активен во многу области важни за производство на атомско оружје. Кон ова, освен досега познатото збогатување на ураниум се вбројуваат две полиња: конструкција на атомска боева глава, која би можела да ги транспортира иранските ракети и комплицираниот развој на механизмот за каписла за палење, со кој би можело да се активира нуклеарна синџиреста реакција. Генералниот секретар на МААЕ Амано наведува причини, зошто траеше толку долго, додека да биде објавен извештајот: „Точно е, досега не се лиферувале толку детални информации. Но, причината за тоа беше што имавме малку сознанија за програмата. Во изминатите три години сликата стана појасна. Сега имаме значително повеќе делови од сложувалката. Очигледно е дека Иран треба да одговори некои прашања.“

Iran Chefinspektor Herman Nackaerts

Главниот инспектор на МААЕ во Иран Херман Накертс

И Иран има претставник во Меѓународната агенција за атомска енергија во Виена. Иранскиот амбасадор во МААЕ Али Ашгар Солтаниех по извештајот во ноември се огласи со вообичаените забелешки: „Извештајот е непрофесионален, неизбалансиран и е политички мотивиран - под притисок на Американците и Европејците“.

За заканите од натамошна меѓународна изолација на Иран, доколку не биде сопрена наводната програма за производство на атомска енергија, Солтаниех одговара: „Сите овие обвинувања категорично ги отфрламе. Се залагаме за користење на атомската енергија, разбирливо за мировни цели.“

Die iranische Atomforschungsanlage Natans

Иранската атомска постројка Натанс

До денес режимот во Техеран остана на истиот став, без притоа вистински да ги демантира обвинувањата за тајни воени планови. Меѓународната агенција за атомска енергија во своите проценки долго време беше воздржана. Имено, еден од основните проблеми на инспекторите на МААЕ се состои во тоа што границата меѓу користењето на нуклеарната енергија за цивилни или воени цели честопати се прелева. Експертите во овој котекст зборуваат за двојна употреба. Меѓутоа, со последниот извештај МААЕ ја прекина својата воздржаност. Во контекст на ваквиот развој ЕУ донесе одлука да воведе заострени санкции против Иран. Сега времето притиска. Според проценка на дипломатите, атомскиот спор со владата во Техеран во наредните месеци ќе има разврска.

Посетата на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија најверојатно е последната можност на режимот да започне веродостоен дијалог со остатокот од светот. Не само со Западот, туку и Русија и Кина со заедничка резолуција веќе го повикаа иранското раководство на овој чекор.

Автор: Јерг Пас/ Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска