1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран подготвен за проширување на инспекциите на ОН

Иран навести дека размислува за поголеми ингеренции за инспекторите од ОН. Во Женева се водат меѓународни разговори за иранската атомска програма.

Во атомскиот спор со Западот Иран по сѐ изгледа размислува да им дозволи поголеми надлежности на инспекторите на ОН. Вакви најави од заменик министер за надворешни работи Абас Аракчи денеска (16.10.) од маргините на меѓународните атомски преговори во Женева, пренесе државната агенција Ирна. Во однос на збогатувањето со ураниум и така наречениот дополнителен протокол за спогодба со Меѓународната агенција за атомска енергија Аракчи рече: „Ниту една од овие тематски полиња не е составен дел од првиот чекор (на иранскиот предлог), тие се дел од нашите последни чекори“.

Иран на дводневните преговори со петте вето сили на Советот за безбедност на ОН и Германија предложи план во три степени за да се придвижат закочените преговори. Засега не се соопштени детали од предлозите.

Дополнителниот протокол им дозволува на инспекторите на ОН во Иран да спроведуваат и ненајавени контроли на атомските постројки. На тој начин треба да се осигура дека нема тајни нуклеарни продукциски капацитети. Светските сили бараат од Иран да го спроведе протоколот. Освен тоа тие бараат Исламската Република да ја намали програмата за збогатување ураниум и да ги прекине високорадиоактивните работи. Западот стравува, дека Иран под плаштот за мировно користење на атомска енергија работи на нуклеарно оружје. Владата во Техерен постојано ги негираше ваквите обвинувања.

Новиот ирански претседател Хасан Рохани со своите умерени изјави пред Генералното собрание на ОН разбуди големи надежи дека е можно придвижување во атомскиот спор. Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери пред средбата во Женева истакна дека е широко отворен прозорецот за дипломатија.

Во меѓувреме иранските медиуми објавија дека Иран и Велика Британија во наредните две недели имат намера да именуваат дипломатски претставници за во другата земја. Одлуката била донесена на средбата на замениците министри за надворешни работи во Женева.

Велика Британија на крајот на 2011 година ја затвори својата амбасада во Техеран, откако таа беше нападната од исламистички студенти и нареди затворање на иранската амбасада во Лондон.