1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран планира натамошно облагородување ураниум

Не осврнувајќи се на меѓународната критика на својата нуклеарна програма, Иран планира проширување на облагородувањето ураниум, тврдат медиумите.

Како што јави британското радио БиБиСи, повикувајќи се на дипломат од Меѓународната агенција за атомска енергија со седиште во Виена, во подземната атомска постројка во близина на градот Гом треба да бидат ставени во употреба илјадници нови центрифуги. Со тоа може значително да биде забрзан процесот на облагородување на ураниум. Новите центрифуги наводно се многу поефикасни од постоечките.

Западот го обвинува Иран дека под плаштот на развој на атомската програма за цивилна употреба, всушност работи тајно на создавање атомска бомба. Техеран ги отфрла ваквите обвинувања. Во средата Иран соопшти за пуштање во употреба на околу 3 илјади нови центрифуги. Дали цитираната изјава за БиБиСи на дипломатот од Меѓународната агенција за атомска енергија се однесува на овие центрифуги, не е јасно. На почетокот на следната недела делегација на ИАЕА повторно патува во Иран.

Автор: ЖА/СН/дв/ртре

Редактор: Симе Недевски