1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран објави изградба на нова нуклеарка

Иранската државна телевизија објави дека Техеран до 2014-та година ќе изгради нова нуклеарна централа. Во меѓувреме, иранските власти изјавија дека нема повлекување од производството на 20 проценти збогатен ураниум.

Иран нема причина да отстапи пред барањето на западните сили да го запре збогатувањето на ураниум до 20 проценти, изјави шефот на иранската нуклеарна програма Ферејдун Абаси Давани. Тој додаде дека горивото со толку збогатен ураниум Иран го произведува за сопствени потреби.

Државната иранска телевизја денеска ја пренесе информацијата за градењето на нова нуклеарна централа, веднаш до постоечката во градот Бушер, која треба да се заврши до 2014-та година.

Iran Brennstäbe

Властите тврдат дека збогатуваат ураниум за сопствени потреби

„Иран ќе изгради следната година нуклеарна централа во Бушер од 1.000 мегавати“, изјави шефот на иранската нуклеарна програма Ферејдун Абаси Давани. Притоа тој мислеше на иранската календарска година, која почнува од март 2013-та и завршува во март 2014-та. Во исто време иранските власти испратија порака дека експертите од ОН не дале доволно добри причини за да можат да ги посетат нуклеарните централи за кои постои сомневање дека служат за развивање на нуклеарно оружје.

Преговорите меѓу Иран и групата пет плус еден (САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија) се одржаа минатата недела во Багдад, а главното барање на големите сили беше Иран да го запре производството на 20 отсто облагороден ураниум, кој брзо може да се збогати до степен доволен за нуклеарна боева глава.

Меѓународната заедница е загрижена поради иранската нуклеарна програма бидејќи се сомнева дека таа има воени цели. Техеран таквите тврдења во повеќе наврати ги отфрли, истакнувајќи дека програмата има исклучиво мирновременска цел.