1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран не попушта во атомскиот спор

Техеран сепак сигнализира подготвеност на преговори

Ахмадинеџад - говор во Техеран

Ахмадинеџад - говор во Техеран

На 20-ти февруари истекува рокот што ОН му го поставија на Иран за да ја запре постапката на облагородување на ураниум – во спротивно му се закануваат нови санкции, покрај веќе постоечките. Но, заканите нема да ја возвратат таа земја од натамошна реализација на aтомската програма – тоа на викендот јасно го ставија на знаење претседателот Ахмадинеџад и главниот преговарач Лариџани.

Иран има право на користење атомска енергија и нема да се откаже од облагородување на ураниум, рече претседателот Махмуд Ахмадинеџад во говорот по повод 28-годишнината на исламската револуција и нагласи: “Целиот свет знае дека Иран тоа го прави врз основа на своите неотуѓиви права и во рамките на прописите на Меѓународната агенција за атомска енергија. Според меѓународните договори и прописи ние имаме право да го поседуваме производниот циклус”.

Иран е подготвен на преговори за атомската програма, но под фер услови и врз рамноправна основа, рече Ахмадинеџад навестувајќи нов развој до 9-ти април, денот на кој неговата земја лани објави дека започна со облагородување на ураниум. Манифестацијата во Техеран беше под знакот на националната гордост во однос на атомската програма.

Иран ќе продолжи со мирољубиво користење атомска енергија, укажа и главниот преговарач Али Лариџани на минхенската конференција за безбедност, подвлекувајќи дека неговата земја е против атомско оружје во регионот. Како одговор на повикот на германскиот канцелар Ангела Меркел до Иран да попушти во атомскиот спор, Лариџани укажа на готовноста за соработка: “Ние недвосмислено најавивме дека во нашата безбедносна доктрина нема место за нуклеарно и хемиско оружје. Знаеме и дека доколку ние би дошле до атомско оружје, големите сили би го стационирале и во нашето соседство, што би водело кон трка во нуклеарно вооружување во регионот, па поради тоа сме против. Освен тоа, загрижени сме и дека терористи би можеле да дојдат во посед на такво оружје” – рече Лариџани.

На неговата увереност дека е можен компромис, германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер возврати: “Дијалог заради дијалог не е доволен, туку ние сакаме дијалог што во срж ќе води кон резултати”.