1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран му пркоси на Западот

Иран денеска почна со облагородување на ураниум до 20 проценти, кој ќе се користи за медицински цели. Западот на ова гледа како на потврда на курсот на конфронтација на водството во Техеран.

default

Сега веќе е официјално. Иран почна сам да облагородува ураниум, и покрај критиките од меѓународната зaедница. Се` до изминатиот викенд Западот се надеваше дека иранската влада ќе се сложи на компромис. Претседателот Махмуд Ахмадинеџад навести ваква можност минатата недела. Сепак, посетата на иранскиот министер за надворешни работи Манушер Мотаки на Меѓународната конференција за безбедност во Минхен, во овој поглед не донесе ништо ново. И така, Али Акбар Салехи, шефот на иранската Организација за атомска енергија, вчера објави на иранската телевизија:

„Објавувам дека Меѓународната агенција за атомска енергија доби соодветно писмо, во кое ги соопштуваме нашите намери за облагородување ураниум до 20 проценти. Во согласност со протоколот, инспекторите на Агенцијата ќе бидат присутни. Со божја помош, со процесот ќе почнеме во вторник“, изјави Салехи.

Ali Akbar Salehi

Али Акбар Салехи

Иран поставува услови

Меѓутоа, Иран ќе престане со облагородувањето, веднаш откако Западот ќе ги прифати условите на Техеран, додаде шефот на иранската Организација за атомска енергија. Иран го одби предлогот за компромис со западните земји, кој предвидуваше исламската република да го дава нискооблагородениот ураниум на дооблагородување до 20 проценти во трети земји. Меѓутоа, прифатлива требаше да биде само „паралелна размена“, на ниско облагороден со високооблагороден ураниум и тоа „во етапи“.

Али Асгар Солтание, иранскиот претставник во Меѓународната агенција за атомска енергија дополни дека Иран едноставно не може повеќе да чека со облагородувањето ураниум, бидејќи мора да води сметка за болните во земјата. Поминаа осум месеци, откако Иран и‘ соопштил на Агенцијата дека има потреба од облагороден ураниум.

Недобредојден чекор

Како реакција на најавата на Иран, Франција и САД објавија дека во Советот за безбедност на ОН заедно ќе побараат построги санкции против Иран. Портпаролот на германската влада, пак, Улрих Вилхелм, истакна дека чекорот на Иран е уште еден нов доказ дека земјата не соработува со Меѓународната агенција за атомска енергија.

Автор: Пфефер Килијан/ Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска