1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран и Русија предупредуваат од хаос на Блискиот Исток

Според сигналите кои пристигнуваат веројатно е прашање на време кога САД воено ќе ја нападнат Сирија. Најблиските сојузници на тамошното раководство, Иран и Русија стравуваат од катастрофални последици не само за Сирија.

„Блискиот Исток е доволно комплициран и не му се потребни дополнителни тензии“, нагласи Абас Арагчи, портпарол на иранското Министерство за надворешни работи во Техеран. „Воена интервенција во Сирија би предизвикала само неконтролиран хаос во целиот регион“. Западот затоа би требало да реагира смирувачки, да ги продолжи напорите за дипломатско решение на кризата и да не ги потцени консеквенциите од воената опција „и надвор од Сирија“. За да се избегне нова војна во регионот, Техеран ќе соработува со меѓународната заедница во однос на барање мировно решение, рече Арагчи.

Според набљудувачите, Иран во кој доминираат шиитите, има голем интерес, сирискиот претседател Башар ел Асад да остане на власт. Додека повеќето Сиријци се сунити, кланот на Асад ѝ припаѓа на шиитската групација на алевитите. Иран исто така ги поддржува либанските Хезболах милиции, кои се борат на страната на трупите на Асад против сириските бунтовници.

Русија исто така ги предупреди САД од воен ангажман. Москва како сојузник на Сирија стрикно одбива воена акција. Интервенција без мандат на Советот за безбедност на ОН би имала „катастрофални“ последици за целиот Блиски Исток како и за Северна Африка, се вели од Министерството за надворешни работи во Москва.

Негодување во Москва предизвикува и краткорочно откажаната средба на која американски и руски претставници требаше да разговараат за плановите за меѓународна мировна конференција за Сирија. Одлуката испраќала погрешен сигнал и ја јакнела сириската опозиција во нејзината безкомпромисност, критикуваше руското Министерство за надворешни работи. Имено во Хаг утре (28.08) требаше да се сретнат по двајца претставници на Русија и на САД на разговори.

„Токму сега беше важно разгледување на опциите за политичко решение во Сирија“, порача заменик министерот за надворешни работи Генади Гатилов преку Твитер. Русија затоа жали за откажувањето. Одлуката еднострано ја донеле САД.