1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран има клучна улога во сирискиот конфликт

По долги натегања, утврден е терминот за мировната конференција за Сирија. Но, спорно се‘ уште е - дали Иран треба да учествува на неа? Постојат причини кои зборуваат во прилог на иранско учество.

Со месеци Русија и САД макотрпно ја подготвуваа мировната конференција за Сирија, чиј термин постојано беше одложуван. Причината беше или владата во Дамаск или опозицијата, незадоволна од условите, па постојано се закануваше со неучество.

Сега е решено - средбата треба да се одржи на 22 јануари во швајцарскиот град Монтре. Целта на конференцијата е ставање крај на граѓанската војна во Сирија со повеќе од 120 илјади загинати. На листата учесници која ја достави специјалниот пратеник на ОН за Сирија-Лакдар Брахими, нема делегација од Иран. Повеќе држави се против.

Оружје и персонал од Иран

Притоа, исламската република Иран е централен играч во војната меѓу сирискиот претседател Башар ал-Асад и бунтовниците. Гинтер Мајер, раководител на Центарот за истражување на исламскиот свет на универзиттеот Мајнц, во разговор за Дојче веле ја истакнува клучната улога на Иран во сирискиот конфликт.

„Без поддршката на Иран, Башар ал-Асад немаше никаква шанса да се одржи толку долго на позицијата“, вели Мајер.

Luftangriffen auf Aleppo 15.12.2013

Борби во Алепо во Сирија

Основата за поддршката е стратешкото партнерство меѓу Иран и Сирија. Во 2006. година двете земји потпишаа договор за воена помош и оттогаш меѓусебно се поддржуваат во кризи. Соодветно на договорот, Иран ги употреби сите ресурси за да го одржи Аасад на власт, истакнува експертот.

Иран, според сознанијата на американските тајни служби, доставува оружје за трупите на Асад по воздушен пат. Дали во Сирија се борат и ирански војници, не е јасно, вели Мајер. Но, може да се претпостави дека владата во Техеран испраќа елитни војници од Иранската револуционерна гарда за да вршат тренинг на војниците на Асад во борбата против бунтовниците. Освен тоа, постојат укажувања дека Иран врши обука на ирачки војници кои се борат на страната на сирискиот властодржец.

Иран е „дел од решението“

„Иран е дел од проблемот во Сирија и има значително влијание врз владата во Дамаск“, укажува Фолкер Пертес, експерт за Блискиот Исток и директор на фондацијата „Наука и политика“. Затоа, важно е на сириската мировна конференција во Швајцарија да учествува и иранска делегација.

„Ако некој е дел од проблемот, тогаш тој е и дел од решението, па затоа мора да биде присутен, значи учеството на Иран на конференцијата е важно за нејзин успех“, вели Пертес.

Ваков став има и иранската влада, која се понуди да посредува во сирискиот конфликт. „Ако сите страни се заинтересирани за прагматично решение на иранскиот конфликт, тогаш Иран треба да учествува на конференцијата“, изјави иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Сариф во Техеран.

И сириската влада бара на планираната конференција да учествува и Иран. Нелогично е Иран да не биде присутен, изјави сирискиот министер за надворешни работи Валид Муалем, а јавува сириската новинска агенција Сана.

Саудиска Арабија е против учество на Иран

Против учество на ирански претставници на мировната конференција за Сирија се првенствено САД и Саудиска Арабија.

„Саудиска Арабија е цврсто решена да го собори Асад“, објаснува политикологот Пертес. Заливската држава затоа е најголем поддржувач на опозицијата во сириската војна, истакнува и Гинтер Мајер.

Кралството Саудиска Арабија е исто толку заинтересирано за сириската војна колку и Иран, заради јакнење на својата позиција во Блискиот и Средниот Исток. Така погледнато, најголемата сунитска регионална сила Саудиска Арабија и најголемата шиитска регионална сила Иран во Сирија водат индиректна војна.

Дали САД ќе го променат ставот?

Досега ни САД не сакаа Иран да учествува на мировната конференција за Сирија. Пертес претоставува дека тие не се принципиелно против, туку дека се работи за преговарачки маневарски потези.

Оваа претпоставка не е без основа, зашто со новиот ирански претседател Хасан Рохани односите меѓу САД и Иран по речиси три децении ледено доба, значително се подобрија, вели Мајер. Тој укажува - Барак Обама ќе направи се‘ што е во негова моќ за да се постигне мирно решение.

Klimakonferenz Warschau 21.11.2013 Ban Ki Moon

Бан Ки Мун

ОН се за учество на Иран

Иран во дискусијата за негово учество на конференцијата има моќен поддржувач - генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, лично се залага за тоа:

„Иран може да игра важна улога, тој е важна регионална сила, затоа неговото учество е логично, практично и реално“, изјави Бан.

Експертите Мајер и Пертес, и покрај разликите меѓу Иран и останатите засегнати држави, гледаат растечки заеднички интерес: никој не би сакал јакнење на радикалните исламистички групи во Сирија. Затоа, Иран, Саудиска Арабија, САД, но и Русија и Европа имаат заеднички непријател. За Иран тоа може да биде раст на шансите да учествува во мировниот процес.