1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран избира нов претседател

Граѓаните на Иран денеска (12.06.2009) треба да го изберат новиот претседател на државата. Познавачите на приликите очекуваат тесна борба меѓу двајца од вкупно четирите кандидати.

default

Кој ќе ја добие довербата на избирачите?

Осумте милиони жители на главниот град Техеран последниве недели мораа да тренираат трпение. Речиси секојдневно имаше масовни предизборни собири на улиците и плоштадите, така што сите мораа да чекаат со часови. Едно од главните обележја на овие претседателски избори е олабавувањето на, инаку, многу строгите религиозни закони, така што предизборната битка можеше да се води во многу послободна атмосфера од кога и да е досега. Тоа можеше да се забележи не само во манифестациите и собирите на улица, туку и во ТВ дуелот, каде кандидатите можеа да дебатираат без директна цензура. Во дискусијата, за првпат во изминатите 30 години од исламската револуција, се вклучи дури и една жена. Захра Ранавард е угледен уметник и политиколог, порано ја вршеше дури и функцијата на раководител на еден од универзитетите во Техеран, а му беше и блиска советничка на поранешниот реформски ориентиран претседател Мохамад Катами.

Präsidentschaftswahlen im Iran

Колкаво влијание ќе има женскиот фактор? Приврзанички на претседателот Ахмадинеџад

Таа се вклучи во предизборната трка во полза на нејзиниот сопруг, поранешниот ирански премиер Мир Хосеин Мусави. Во добра мера и поради нејзиниот ангажман, Мусави последниве недели стана сериозен противкандидат на актуелниот претседател Махмуд Ахмадинеџад. Експертите со зголемено внимание набљудуваат дали ангажманот на Захра Ранавард би можел да ги активира и реформски ориентираните сили во Иран, кои се ангажираа во времето на поранешниот претседател Катами. Тоа се пред се’ младите и жените од Техеран и другите поголеми градови. Доколку тие излезат од политичката летаргија, во која западнаа по разочарувањето од немоќта на Катами да смени нешто во иранското општество, тогаш актуелниот претседател Ахмадинеџад би можел дури и да загуби на денешните избори.

Вкупно четири кандидати

На избирачките ливчиња се наоѓаат имињата на уште двајца кандидати за претседател. Тоа се поранешниот лидер на „револуционерната гарда“ Мохзен Резаи, кој се смета за крајно конзервативен, како и реформски ориентираниот поранешен претседател на парламентот Мехди Каруби. Ним двајца набљудувачите не им даваат големи шанси за победа.

Она што ги обединува сите тројца противкандидати на актуелниот претседател Ахмадинеџад е критиката на неговиот стил на раководење, како и критиката на дел од содржинските елементи на неговата политика. Прв и најтежок приговор е оној дека Ахмадинеџад е одговорен за тешката економска ситуација во земјата.

Iran Wahlen 2009

Судир на традицијата и модерното: приврзаничка на реформски ориентираниот противкандидат Мусави

Резаи дури му префрла дека го довел Иран на раб на економска катастрофа. Мусави, пак, му префрла најмногу за меѓународната изолација, до која Ахмадинеџад го доведе Иран со неговата политика.

Актуелниот претседател на тоа одговара: „Ние не се придржуваме до правилата на игра, што ги воспоставија големите сили. На тоа не’ научи имамот Хомеини, тој никогаш не ги прифаќаше тие правила, инаку никогаш немаше да можеме да ја спроведеме исламската револуција.“

Нема дебата за атомската програма

Тема што не е предмет на дебата е атомската програма на Иран. Сите кандидати се согласуваат дека нивната земја има право на користење на атомската енергија. Исто така не се дебатира ни околу ставот кон Израел, иако Мусави смета дека анти-израелскиот став на Ахмадинеџад и неговото негирање на холокаустот се причина за меѓународната изолација на Иран.

Iran Wahlen 2009

Послободна ТВ дебата: Ахмадинеџад (десно) и против кандидатот Каруби (лево)

„Европејците беа на пат да подготват резолуција против Израел по масовните убиства во војната во Газа, но поради нашите грешки и изјави, тие сепак се ставија на страната на Израел.“

Околу идните односи со САД немаше јавна дебата, но зад кулисите ова прашање секако игра важна улога. Се чини дека понудениот дијалог меѓу Техеран и Вашингтон би можел полесно да се случи доколку на чело на државата би дошол Мир Хосеин Мусави. Но, и по ова, како и по сите други прашања, главен збор има сепак духовниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи. Тој, пак, за разлика од поголемиот дел на иранскиот народ, се обидува да го попречи нормализирањето на односите со светската супер сила.

Автор: Петер Филип / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска