1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран го осуди холокаустот

Пресврт во политиката на Иран по доаѓањето на власт на новиот претседател Рохани. Шефот на дипломатијата Зариф го осуди Холокаустот и ја честиташе еврејската Нова година.

Иранскиот министер за надворешни работи Мухамед Џавад Зариф (на фотографијата) изјави дека Иран го осудува „масакрот над Евреите“ кој го сториле нацистите, со што драматично ја промени позицијата која претходно ја застапуваше експретседателот Махмуд Ахмадинеџад, кој постојано негираше дека за време на Втората светска војна се случил холокауст.

„Го осудуваме масакрот над Евреите кој го сторија нацистите, како и масакрот над Палестинците од страна на ционистите“, напиша Зариф на својот Фејсбук профил.

Тој на Евреите им ја честиташе нивната Нова година- Рош Хашана, која беше прославена вчера. Откако доби одговор дека на Евреите Новата година би им била уште поубава доколку Иранците престанат да го негираат холокаустот, Зариф напиша дека Иран тоа „никогаш“ не го правел.

„Човекот кој тоа го правеше си замина. Ви посакувам среќна Нова година“, напиша Зариф.

Ахмадинеџад во последните неколку години во повеќе наврати негираше дека е сторен геноцид врз Евреите и најавуваше брзо исчезнување на Израел, што предизвика остро негодување на меѓународната заедница.

Новиот претседател на Иран, Хасан Рохани делува многу одлучно во намерата да ја промени политиката во однос на својот претходник и да воспостави подобри односи на Техеран со меѓународната заедница.