1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Иран го објави бројот на центрифуги

Иран презема офанзива во атомскиот спор и објави - земјата располага со 18.000 центрифуги за облагородување ураниум. Техеран тврди дека атомската програма е во мирнодопски цели. Го менува ли Техеран курсот?

Иран, според сопствени наводи, располага со над 1000 модерни центрифуги за значително забрзано облагородување ураниум. Шефот на атомската програма на Иран на заминување, Ферејдун Абази, изјави дека земјата во атомските постројки Натан и Фордо има 9.700 центрифуги. Земјата вкупно располага со 18.000 центрифуги, соопшти Абази, со што се потврдени наводите на Меѓународната агенција за атомска енергија од мај годинава.

Западот го обвинува Иран дека под плаштот на цивилна атомска програма работи на создавање атомска бомба. За таа цел ураниумот треба да биде облагороден на 90 проценти. Техеран пак тврди дека облагородува ураниум на 5 до 20 проценти и дека тоа се прави само во цивилни цели, како добивање енергија и медицински истражувања.

Новиот ирански претседател Хасан Рохани при стапувањето на должност изрази подготвеност за „сериозни атомски разговори“ со меѓународната заедница. За наследник на Абази на местото шеф на атомската програма Рохани го назначи поранешниот министер за надворешни работи Али Акбар Салехи, кој важи за умерен.

Критики на сметка на Ахмадинеџад

Сега на Иран му претстојат нови технички преговори со Меѓународната агенција за атомска енергија. Освен тоа, за септемви се планирани и нови политички разговори со петте сили со право на вето во Советот за безбедност и Германија. Вчера Рохани, при претставувањето на новиот ирански министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф, опомена дека треба да се биде внимателен при давањето надворешнополитички изјави. „Секоја, макар и мала грешка во надворешната политика би можела да не‘ чини скапо“, изјави Рохани. Тој го критикуваше популизмот на својот претходник Махдмуд Ахмадинеџад на полето на надворешната политика. Аплаузот што толку многу сакаше да го добие, Ахмадинеџад можеше да го ожнее на друго место, рече Рохани: „Надворешната политика, во секој случај, не е терен за популистички слогани, туку за промислени изјави“, нагласи тој.